05.04.2012, 18:29 Мислења
Полжав во полн трк
Огнен Малески
Откривањето топла вода е една од поомилените научни дисциплини во нашата земја. Се разбира, ние не сме нејзините творци, но убаво легна на нашиот менталитет
Одамна сакав една колумна да ја напишам во мозаичен/омнибус формат, во врска со теми и прашања чија поента можеш да ја пренесеш во неколку реченици или пасуси слично како што тоа еден угледен македонски новинар мошне успешно го прави изминативе две децении. Овој пат собрав лична храброст да го сторам тоа со целиот ризик текстот што следува да не ги исполни стандардите поставени од него.
1. Пред неколку дена разговарав со еден мој стар пријател од Црна Гора за најразлични теми и, меѓу другото, го искористив моментот да му честитам на напредокот во релациите со ЕУ и најавениот почеток на преговорите во јуни оваа година, но и да го запрашам како стојат работите со НАТО. Наместо долга експликација, тој го извади од нафталин стариот виц за Црногорецот и полжавот. Колку за потсетување на читателите што се на возраст над 80 (и кусур) години и едукација на оние под 16 години, вицот оди вака: на пазарот во Подгорица Црногорец на својата тезга изнел полжав и го продава. Поминува купувач и зачуден го прашува: зарем само еден полжав успеа да фатиш? Тезгаџијата на тоа одговара: а бе да ти кажам искрено беа два; за едниов се намачив, но го фатив, ама оној другиот, додека да се наведнам, ми избега. Алузијата беше повеќе од очигледна.
Се насмевнав кисело. Не само затоа што вицот е со долга брада, туку уште повеќе затоа што не можев да се пофалам дека ние сме успеале да фатиме барем еден полжав. Бидејќи дури и благиот наклон што се дава од почит и куртоазија е претежок напор за нашите забетонирани ‘рбетни столбови, се плашам дека ловењето полжави во исправена положба ќе потрае се' додека полжавите не се уморат од бегање и целосно ни се предадат.
2. Откривањето топла вода е една од поомилените научни дисциплини во нашата земја. Се разбира, ние не сме нејзините идејни творци (освен ако во меѓувреме не се докаже дека на некој начин води потекло од античка Македонија), но некако убаво легна на нашиот менталитет и до ден-денешен исклучително успешно ја практикуваме. Дека тоа е така потврда е и најновото откритие: во администрацијата (особено во Министерството за надворешни работи!!!) имаме голема превработеност. Само во МНР бројката изнесувала 200 вработени. Но, постои спасоносно решение за нивниот иден дипломатски ангажман. Покрај постојните, во меѓувреме се креирани и нови министерства/агенции и други државни органи и тела, во кои има доволно простор, но и потреба да ги ангажира сите нив. Не би ме изненадило наскоро во нив да се формираат одделенија за (по)надвор во кои ќе бидат вклучени проверени/искусни дипломати од рангот на амбасадор, преку министри советници до трети секретари, аташеа, па се' до конзуларни службеници.
А по година или две повторно ќе не' изненади снегот во јануари. Експертите за откривање топла вода ќе констатираат дека администрацијата во клучни министерства (во кое, секако, спаѓа и Министерството за надворешни работи) има неискусни кадри, или бриселски кажано – „недостасуваат потребните капацитети“ за извршување на функциите. Тогаш, со сесрдна помош на Брисел и одделни традиционални земји-донатор одново ќе започне процесот на едукација да ги достигнеме стандардите на ЕУ. Знам дека нервите на моите поранешни колеги од Министерството се многу истенчени и нема понатаму да иронизирам на нивна сметка, но морам да напоменам дека сознанието за т.н. отворените врати и (евентуални) идни ангажмани во Министерството за земјоделство, Агенцијата за млади и спорт и слични државни институции, според мое длабоко убедување, е еднакво на бркање од работа.
3. Деновиве повторно го доживеав класичното дежа ву, односно феноменот на „веќе видено“. Блиска пријателка, вработена во една значајна државна институција, целата изнервирана ми раскажува дека пред неколку дена се запознала со нов колега. Разговорот бил неврзан, пријателски и отворен и во него соговорникот, меѓу другото, кажал дека три години прима плата без да оди на работа. Сега му претстои елементарна обука, бидејќи треба да заземе поодговорно место. Единственото на што се пожалил била малата плата од 20.000 денари. Можете да ја сфатите огорченоста на мојата пријателка која работи повеќе од 30 години и има плата од 15.000 денари.
Неверојатно! Токму пред 30 години, две години по моето прво вработување, сретнав мајка на еден мој познајник кој задоцни со студирањето, па ги изгубивме контактите. Мајка, како мајка! Се пофали дека користејќи ги семејните/партиските врски го вработиле во една проминентна државна институција. Ми кажа дека многу убаво го примиле, го сместиле веднаш во убава канцеларија, дека му е се многу убаво и - дека нема ич работа, па не се мачи многу. Само платата му е многу мала; малку да беше поголема!?!
4. Ако колумната на спомнатиот новинар/уредник гласи „Сакам да кажам“, она што гласноговорниците на водечките македонски политички партии го практикуваат би можело да се нарече, според она детското - сакам кажам, не знам речам. Но, за тоа доволно има реакции во јавноста, а особено на страниците на овој весник. Тоа што јас, како сопствена фасцинација, ќе го издвојам од случајот е називот на целата операција – „Детонатор“. Многу сум љубопитен и новинарите да и' откријат на јавноста кој ги смислува називите на операциите. Можат да им конкурираат на оние на НАТО. Ако изборот на терминот не е лапсус, туку одраз на решеноста со детонаторот да се активира подготвената експлозивна направа и опфати криминалот, не само на истокот, туку и на западот, северот и југот од земјата, тогаш секоја почит за креаторите. Ако акцијата „Санадер“ беше потврда за решеноста на Хрватска темелно да се справи со криминалот и корупцијата во земјата (а тоа целосно да и ги отвори портите за членство во ЕУ), тогаш за нашата земја тоа може да биде процесот инициран со акцијата „Детонатор“. Во спротивно, наместо детонатор, целата акција (како и многу други претходно) ќе биде запаметена како петарда.
П.С. Од сигурни извори дознаваме дека спомнатиот полжав е виден на тезга на Зелено пазарче во Скопје.
(Авторот е поранешен дипломат)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |