05.04.2012, 17:44 Поглед
Такси -(про)тест
Бојан Шашевски
Кампањските акции и (не)работењето на градските инспектори во средата ги вратија таксистите на улица. Околу петстотини возила ја блокираа „Илинденска“ од Влада до Зоолошка. По договорот за унифицирање и универзално тарифирање, уште еднаш преври казанчето со кашата од ветувања и засегнати душегрижници. Чадот од невкусната манџа го видоа и помирисаа различни здруженија, синдикати и асоцијации на таксисти со легитимни шаховски ленти.
Сите тие имаа несогласувања околу неплаќање заостанати даноци и свои интереси, но, ете, се исплазија со ист јазик и минатото лето се обединија кај градските бараки да ја поздрават донесената Одлука за регулирање на сопките во такси-дејноста. Деновиве повторно заеднички се собраа да искажат револт околу селективноста на инспекторите и нефункцинирањето на истата Одлука, но на најавениот протест единствено излегоа таксисти со нови бело-жолти возила. Нивната Асоцијација даде ултиматум и побара писмен одговор до денес, а Синдикатот, пак, сметаше дека заканите ги подразбудиле градските власти и овие почнале да „ловат“ диви таксисти. Веројатно двапати ги прочитале ударните соопштенија на Градот за спроведените акции, што, всушност, на ловците треба да им биде секојдневна обврска. И за празник и за делник, и на главните булевари и по должина на Бит-пазар.
Градскиот татко вчера пак ги спомена петнаесетина одземени возила на редовните нелегални демначи од Железничка, старата автобуска, околу болничките објекти, факултетите, музеите... Трајановски веднаш повика на отворени разговори. Ветувања и решенија на преговарачка маса. Присуството задолжително за сите такси-здруженија. На повидок нов почеток, нов тест за Градот и протест на таксистите. Крајот, по автоматизам, не мора да го знаеме. |