Пет минути интервју
Некои луѓе не треба да се занимаваат со љубовта
Александар Русјаков, режисер, писател
Тина Иванова
Твојата прва книга „Ме сакаш ли под дождот“, која осамна пролетоска, доживеа навистина голема читаност во Македонија. Колку си задоволен од одѕивот, какви се оцените, критиките?
„Точно, за наши услови доживеа голема читаност, што значи дека не можам да бидам задоволен, туку презадоволен. Најинтересно е што најголем одѕив книгата доживеа меѓу онаа, помладата публика, средношколската, ама тоа е затоа што сите шест приказни зборуваат за откривањето на љубовта“.
Во ова време невреме, размислите, сеќавањата, разговорите за љубовта (се потсетувам на содржината во книгата) некако како да добија второстепено значење, се' повеќе зборуваме за социјалните проблеми...
„Социјалните проблеми при пронаоѓањето партнер, влијанието на политичката определеност врз позицијата на пенисот во предиграта, користење презерватив во меѓуетничките односи, дали е подобро ние да пенетрираме во ЕУ или во НАТО да пенетрира во нас... О, Боже, па кај нас новинарите и водителите на оние политички емисии не знаат да ја пренесат ни веста што ја обработуваат, а камоли да им даде човек да зборуваат за љубов. Оние луѓе што имаат, пред се', страст кон материјалното, а такви најчесто се политичарите, новинарите и речиси сето она што се појавува на телевизија, подобро воопшто да не се занимаваат со љубовта“.
Како го минуваш летово, дали само дождот или и сонцето ти е инспирација за пишување? Односно, ќе има ли наскоро нов роман од тебе?
„Сонцето, дождот, снегот, есенските лисја, јас сум сериозно навлечен на сето тоа. Инаку, фала на прашање, летово го поминувам како секое друго годишно време, јас знам да се одморам и работејќи. Не знам дали баш наскоро ќе има нова книга, ама знам дека сигурно ќе има“.
Со оглед на недостигот од хумористични емисии на телевизииве, што се случува со „Еднооки“? Ти си дел од тимот, подготвувате ли ново откровение?
Сега засега нема да откривам детали, оти работиме на случајот. А, што се однесува до хуморот, точно, моментно имаме проблем во земјава, оти со згаснувањето на А1 телевизија, другите големи македонски ТВ-куќи ги напикаа своите вести во 19 часот, па сега не може човек одделно да им се потсмева.
|