Број 3657  вторник, 16 август 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter

Мислења

Америка и кај нас

Слободан Најдовски

Сега е сосема јасно дека предизборната кампања и дефицитот од три милијарди денари во мај има негативни реперкусии врз буџетот

Информацијата дека министрите на македонската Влада не го користат годишниот одмор и' стави до знаење на домашната јавност дека додека трае обновата нема одмор. Во една студија на вредните Јапонци се тврди дека само неорганизиран менаџер работи за викенд, а тој по работното време носи документи дома и не користи годишен одмор. Но, ние не сме Јапонци, па, сепак, ќе поверуваме дека големиот број активности и сериозните проблеми со кои се соочува македонската држава го спречува менаџерскиот државен тим да се одмора од годишните обврски и да се подготвува за уште поголеми активности.

Секако дека најголем проблем за кој очекувавме мислење на владиниот Кабинет е состојбата во американската економија и нејзиниот одраз врз нашето стопанство. Како и што забележаа добрите новинарски пера, познавачи на економските услови кај нас, изостана првата реакција на Владата. Точно е дека ние немаме никакво влијание на тој план во светски рамки, но негативните појави ќе ги почувствуваме и затоа е недозволиво да не се реагира и да се упатат домашните стопанственици за првите мерки што треба да се преземат.

Добро е што, барем засега, немаше изјави како пред неколку години, од типот дека кризата во Америка која ќе се почувствува во светската економија ќе биде наша предност што треба да ја искористиме. Сепак, Владата не може да премолчува кои мерки и постапки се предвидуваат кај нас за сценариото што следува. Тоа е потребно, бидејќи во зависност од државната реакција ќе следуваат чекорите и однесувањето во приватниот сектор.

Додека светот е загрижен за се' поголемата задолженост на одделни држави и секој си прави анализа на домашниот долг, кај нас индиферентно се реагира и мирно се гледа на состојбата со задолжувањата на државно ниво. Смирувачките тонови дека буџетот е во добра кондиција и дека се' оди според планираното треба да значи дека состојбата е под контрола. Но, не е се' баш така. Самото тоа што Владата не ја продолжи мерката за намалени акцизи и надоместокот за државни нафтени резерви упатува на заклучокот дека веќе има проблем со реализацијата на буџетот. Но, да се надеваме дека во досегашниот стил, откако ќе соберат пари од граѓаните за извесен период и по некое време ќе ги намалат акцизите и ДДВ за дериватите, ќе се рекламираат дека направиле голем реформски чекор. Ако работат 24/7, тогаш зошто веднаш не ја донесат одлуката.

Податоците за реализацијата на буџетот од првите шест месеци и состојбата на планот на задолжувањата не оставаат широк простор за смирувачки да се гледа кога се во прашање државните приходи и расходи.

Ако се погледне низ податокот за буџетскиот дефицит произлегува дека за првото полугодие тој се врти околу 70 отсто од планираниот за цела година и може да се доведе во прашање дали ќе се одржи на ниво од планираните 2,5 отсто од БДП на годишно ниво. Тоа само по себе зборува и предупредува дека во следните шест месеци неминовно е да се намали буџетскиот дефицит и барем тој да се доведе до границите на планираното ниво, иако е многу високо поставено. Имено, просечно во следните шест месеци дефицитот треба да се движи во границата од половина милијарда на месечно ниво наспроти досегашните месечни милијарда и неколку стотици милиони денари. Сега е сосема јасно дека предизборната кампања и дефицитот од три милијарди денари во мај има негативни реперкусии врз буџетот.

Следното болно прашање е финансирање на дефицитот, но и финансирањето на редовните државни расходи. Финансирањето по пат на нови задолжувања ќе ги зголемува проблемите на македонската економија. Новите државни записи, емитирани од почетокот на август покажуваат дека и покрај ветувањето за напуштање на тој модел на финансирање, сепак, тешко дека истото тоа ќе се одржи во практика. Новите задолжувања, по правило, се поголеми од достасаните обврски по однос на задолжувања од претходниот период што значи зголемување на внатрешниот долг. При задолжувањето на домашен план се јавува друг „феномен“. Имено, се намалува учеството на банките во купувањето на владините вредносни хартии, а се појавуваат други субјекти. Присутно е мислењето дека се' повеќе државни субјекти се појавуваат како купувачи на државните записи. Тоа не е ништо друго освен изигрување на законот и ненаменското користење на парите од други државни институции, а за потребите на Владата што би се рекло дупло голо.

Погледнато низ бројки државните задолжувања покажуваат загрижувачка слика.

Во апсолутен износ, од година в година, се зголемува задолженоста на централната влада и фондовите. За околу пет години вкупниот долг на централната влада е прилично зголемен во однос на крајот на 2006 година. Притоа, надворешниот долг е зголемен за триста милиони евра, а внатрешниот е намален за седумдесет милиони. Но, само малку површна анализа ќе покаже дека состојбата е прилично лоша. Ако се има предвид дека од продажбата на поранешно ЕСМ и првата еврообврзница се искористени 300-400 милиони евра за враќање долгови што само по себе зборува дека домашната економија и политика на Владата нема позитивни резултати и реалните нови задолжувања надминуваат над половина милијарда евра за околу пет години.

Имајќи ја предвид структурата на домашниот долг се гледа дека, всушност, само привидно покажува намалување. Така, кога е во прашање структурата на домашното задолжување, во годините до пред 2006 година, пред се', тоа отпаѓаше на емитуваните државни обврзници за санирање на проблемите што произлегуваа од претходниот с��стем, а не задолжување со кое се собираа пари во буџетот за финансирање на тековните расходи, како што се прави сега. До 2006 година речиси 90 отсто од домашниот владин долг отпаѓаше на обврзниците за старо девизно штедење, санација на Стопанска банка и денационализацијата. Тоа само по себе значеше задолжување само како обврска, а не и реални пари влезени во буџетот. Денес над 60 отсто или 300 милиони евра изнесуваат внатрешниот долг само по основа на емитувани хартии од вредност со кои за потребите на финансирање на државата се повлекуваат пари од банките и други субјекти.

Најважното прашање е каде и за што отидоа стотиците милиони евра нови задолжувања и зошто прогресивно расте нашата задолженост.

Како тешко да се учиме од грешките на другите што се соочуваат со проблеми поради остварување нереални политички ветувања и преголемиот товар што го ставале врз грбот на граѓаните.

Време е да се напушти практиката низ манипулација со бројки и прикривање на одделни активности да се прикажува розова состојба. Не секогаш бројките што одат во прилог, посебно процентуално изнесени, значат и реално искажување на проблемот.

За нас ќе биде голем проблем сервисирањето на обврските на државата што се потребни за нејзино функционирање и за враќање на долговите. Тоа, пред се', од причина што задолжувањата не се пласираат во сектор што повратно ќе има влијание на моќта на македонската економија и ќе ја оспособат државата за да ги сервисира своите обврски. Практиката од зголемен дефицит и задолжувања, од година в година, и изворите на финансирање, како и неговата нецелисходна намена ќе го загрозат нормалното функционирање на буџетот. Ваквата политика многу брзо ќе ја донесе Америка кај нас, ама само во делот на проблемот со задолжувањето.

Во Америка долго се расправа за зголемување на границата на задолжување, а кај нас тоа лесно оди, бидејќи никој не знае и не прашува, освен само неколкумина што ќе прочитаат во „Службен весник“, каде што е плафонот на нашето задолжување. Замислете некој, кај нас од владејачката партија да и' се спротивстави на политиката на Владата за нови задолжувања, како што конгресмените од партијата на Обама, кои не ја поддржаа неговата програма, беа во мнозинство. Кај нас уште долго време ќе треба за да се сними тој филм.

Но, молчењето на јавноста, пред се', на експертите, потврдното нишање на главата на пратениците кога е во прашање буџетската политика и задолжувањето на државата, кога и да е, скапо ќе го платиме.

(Авторот е поранешен пратеник)


#
Статијата е прочитана 1383 пати.

Испрати коментар

Од: Коста Стоименовски
Датум: 16.08.2011 01:54:54
Владата е преполна со „експерти“ за финансии, но, во неа не може да се препознае ниеден експерт за структурните проблеми во економијата! Опозицијата, за жал, нема експерти кои би можеле да ги откријат финансиските малверзации на власта. Власта одбива дискусија во Собранието за извештаите на Државниот ревизор што е несвојствено за демократски и правни држави! Владата одбива да каже колку пари троши за рекламирање во домашните и странските медиуми! Се сомневам дека веќе ��помнатите финансиски „експерти“ креираат црни државни фондови, кои се надвор од било каква контрола, а кои можат да се користат за разни популистички пропагандни цели!
Од: Lazo Stefanov
Датум: 16.08.2011 05:02:32
Deficitot e uste pogolem, ako se zeme vo predvid i odlaganjeto vo izvrsuvanjeto na dolgoite na Buxetot. Osven platite, drugo nisto ne se isplatuva: nema pari za iplata na nagradita na adminitacijata za rabotata vo izborite, nema otpremnini, nema nikakvi drugi licni isplati. A se tvrdi deka Buxetot e vo dobra kondicija(!!!).

Најди! во Утрински
Насловна
Печатено
Можат ли да дојдат дома парите на богатите
Почна уписниот рок, на државните универзитети има 30.011 места
Новите амбасадорки предаваа акредитиви
Цаноски не очекува ништо од опозицскиот фронт
Иванов и грчките провокации
Стојчев
Некои луѓе не треба да се занимаваат со љубовта
Менталитетот и животните
Забрана за бившите девојки на принцот Алберт
Пред Собрание одбележан роденденот на Мартин Нешковски
Националистички кич или македонски одговор
Груевски и Рикер разговарале за името
Распишан конкурс за развој на филмско сценарио
Ослободени новинарите Милена Ѓоргиевска и Горан Момировски
Африканските автократи во милост на САД
Стил
Почина поранешниот словенечки премиер Андреј Бајук
Генерал Горанчо Котески нов началник на ГШ на АРМ
Работната недела во Грција од денеска се зголемува на 40 часа
Убиено 23-годишно момче во село Нова Брезница
Онлајн вести

"""