Силен ветар уби студентка во Тетово
Трагедијата се случи при откорнување на покривот на тетовската бо��ница
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО – Студентка од Косово загина, а две лица се тешко повредени при вчерашното невреме, проследено со силен ветер што го зафати Полошкиот крај. Трагедијата се случи вчера околу 14 часот кога силниот ветер го откорна покривот на Интерното одделение на тетовската болница. Дел од покривот паднал врз 23-годишната Дафина Рати, студентка од Приштина, нанесувајќи и' фатални повреди. Лекарите не успеале да го спасат нејзиниот живот. Со повреди се здобиле нејзиниот вујко Австрит Адеми (40) од Скопје, како и возачот на Службата за итна помош во Тетово, Шефкет Самиу. Двајцата имаат потрес на мозокот и се задржани на болничко лекување. Силниот ветер викендов го разнесе и покривот на гостиварската болница, но, за среќа, повредени немаше. По двете несреќи што се случија едноподруго, министерот за здравство, Бујар Османи, вчера попладне го посети Тетово. Тој најави истрага за случајот и проверка на сите здравствени објекти што се во фаза на реновирање или се веќе завршени, со цел да се утврди дали невремето ја предизвикало трагедијата или станува збор за човечки фактор.
Дипломската прослава вчера заврши кобно за косовската фамилија Рати. Дваесет и тригодишната студентка Дафина заедно со својата фамилија дошла во Тетово да присуствува на свеченоста по повод дипломирањето на нејзината сестра на студиите по фармација на Тетовскиот универзитет. Во еден момент додека се движеле во близина на болницата, дел од откорнатиот покрив паднал врз неа, нанесувајќи и тешки повреди.
Докторот Абулџелал Есати раскажува дека се подготвувал да замине дома по работниот ден, кога во еден момент забележал голема мешаница во Хируршкото одделение. Тогаш била донесена девојката, која била тешко повредена и во бессознание.
„Се обидовме да ја реанимираме со колегите. За момент даде знаци на живот“. Силниот ветер го откорна покривот од зградата на Интерното одделение на тетовската болница, во кое се сместени и Нервното и Детското одделение. Дел од покривот вчера опасно висеше претставувајќи закана за минувачите, поради што работници вчера попладне работеа на негово целосно отстранување. Пред три години се случи стравотен пожар токму на истиот објект, при што изгоре покривот и се случуваше вистинска драма за спасување на децата што беа згрижени и се лекуваа во болницата.
Тетовската болница вчера попладне ја посетија вицепремиерот Абдулаќим Адеми и министерот за здравство Бујар Османи. Министерот рече дека е шокиран од несреќата и изрази длабоко жалење и сочувство на семејството на загинатата девојка. „Веднаш е започната истрага за несреќата, која треба да покаже дали е во прашање временската состојба или човечки фактор“, изјави Османи. Тој ја постави дилемата како може да падне покрив што беше целосно менуван и поставен пред нецели три години. Двата случаја со откорнувањето на покривите во тетовската и во гостиварската болница, според него, ќе иницираат акција за проверка на сите градби што се завршени или се во тек.
Директорот на тетовската болница, Атила Реџепи, вчера рече дека станува збор за настан што не можел да се предвиди затоа што реконструкцијата е правена пред нецели три години, а технички прием на покривот бил извршен во февруари 2008 година.
Рамка:
МАВРОВО И ЖУПА
Нас: Ветерот корнеше бандери
ГОСТИВАР - Невремето и силниот ветер, кој на моменти дуваше и со брзина од сто километри на час, направи пустош на териториите на општините Маврово – Ростуше и Центар Жупа. Предизвикани се големи штети на нисконапонската и високонапонската мрежа во регионот. Во селата Лазарополе и Жировница се искинати многу електрични жици, а се урнати и десетина бандери. Ветрот корнеше дрвја и носеше сообраќајни знаци и патокази по долината на реката Радика.
Снабдувањето со електрична енергија на дваесетина села од подрачјето на Маврово и на Жупа е нормализирано вчера попладне, информираат од „ЕВН Македонија“. Штети има во триесетина викенд-куќи од туристичките населби околу брегот на Мавровското Езеро и тоа, главно, на покривите. (К.К.)
|