Број 3445  вторник, 30 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Вести








Site Meter

ЕДИТОРИЈАЛ

Македонски писателски вредности

Тина Иванова

Да се влезе во најтесен избор во трката на некоја призната, позната меѓународна награда е исто така голем успех како да ја добиеш наградата. Зашто, вистински престиж е да бидеш рамо до рамо со оние на врвот. Особено, кога се зборува за уметноста, и уште повеќе, за литературата, за една мошне суптилна гранка, чии репери за тоа што е подобро од другото или што е најдобро тешко се одредуваат.

Станува збор за најпрестижната награда за литература на Балканот - „Балканика“, која годинава се одржа во албанскиот град Валона, и за видните македонски писателски имиња, Кица Б. Колбе и Томислав Османли, чии романи, „Жените Гаврилови“ и „Дваесет и првиот“ влегоа во најтесниот избор за наградата за која, како и во изминатите 14 години, и овој пат се натпреваруваа сериозни авторски имиња од балканските земји. Романите на Колбе и на Османли, како и на сите досегашни македонски претставници за „Балканика“, добија шанса да се соочат со големи писателски пера, за на крајот да ја потврдат својата вредност и пред другите писателски големци. Вистински престиж е да се најдете заедно со нобеловецот Исмаил Кадаре, кој е всушност годинашниот добитник на „Балканика“ со својот роман „Запленет“, но и со турската реномирана писателка Сема Кајкусуз, која со романот „Пад од молитви“ ја доби наградата за 2008 година. И тоа не е само личен, креативен предизвик, туку е предизвик и воопшто за останатите македонски писатели, за македонската современа проза, предизвик за нашата земја.

Но, како што и самиот Томислав Османли ќе изјави, без оглед што македонските автори се најдоа во листата истакнати автори, како што е Исмаил Кадаре, кој самиот по себе е книжевник од голем габарит, „би требало на човек да му се затресат книжевните коски“... ова не е натпревар на книжевни величини, туку на конкретни книжевни дела.

Уште поголем успех, за нас и како медиум, е податокот дека и двајцата македонски претставници за наградата „Балканика“, се добитници на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Ова повторно, по којзнае кој пат, ја потврдува несомнено големата вредност и афирмираност на признанието кое десет години го доделува „Утрински весник“ на најдобрите. Зашто, добитници на „Роман на годината“ и досега учествувале на „Балканика“, меѓу нив и Гоце Смилевски и Димитар Башевски, додека Венко Андоновски за романот „Папокот на светот“ е досега првиот и единствениот македонски писател што го доби врвното балканско признание. Овие успеси без сомнение покажуваат дека „Роман на годината“ не е само релевантна, отскочна штица која им дава кураж на писателите да ги покажат своите дела и пред меѓународната сцена, не е само награда вреднувана на локално ниво, туку дека „Роман на годината“, со оглед и на сите досегашни реномирани имиња, кои се појавиле како дел од жири-комисиите, носи еднаква вредност со балканските, европските, па и со светските признанија.

Потврда за вредносната доминација на македонските книжевни творби е и изјавата на претседателот на седумчленото меѓународно жири за „Балканика“, д-р Ендрју Вахтел од Англија, кој истакна дека за него, македонската литература претставува едно долготрајно откритие. И навистина, таа е откритие за поединци, за луѓе вљубеници во литературата, за нејзини аналитичари и критичари. Но, и покрај фактот што македонските литературни творби и, воопшто, македонските писатели со децении наназад го потврдуваат својот успех надвор поради лошата стратегија на државата за афирмација на своите културни добра во светот, нивниот вресок како да удира в ѕид, враќајќи се назад со нем одглас. Затоа, на современата македонска прозна литература допрва и' претстои големо откривање пред очите на светските книжевни патници.


#
Статијата е прочитана 952 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Насловна
Самобендисаните од Б1 телевизија
Силен ветар уби студентка во Тетово
Тиквешански
Сугаревски oд затвор пак на работа во РЕК
Глобална дипломатска криза
Европа потклекна под налетот на имигрантите
Струмица ќе изгради водовод во Банско
Сплавови на Вардар како на Дунав
Сидата се шири меѓу хомосексуалците
Стил
ПАП-реклама
Школа за обновливи енергии во Скопје
Падот на Владата
Италијански режисер се самоуби на 95 години
Опасен ветер за бротчето на демократијата
Реал испадна смешен покрај Барселона
Карикатура
 

Hungarian activists in line for a state shake up
EU reacts frostily to Serbia's Nobel boycott
Former Croatian Prime Minister flees from justice