Број 3442  петок, 26 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Вести








Site Meter
Забава

Женски муабети

Убавината и спокојот во домот зависат од мајката

Флора Кадриу

Пратеничката зборува за своето минато - за проодувањето по тешката сообраќајна несреќа, за актерските искуствата и за семејството

Валентина Тодоровска

Нашата соговорничка, пратеничката Флора Кадриу зборува интересно, се изразува сликовито и сите досегашни искуства, вели, ги гравира длабоко во срцето. Не заборавила ниту една лекција на која ја научил животот, а ги памети и наравоученијата што му ги дала историјата на човештвото. Патем, историските личности ја интересираат исто како и сопствените предци. Така, започна нашиот муабет, „кршењето на мразот“ со жени-политичари, автентични ликови што ги почитува Флора - Махатма Ганди, Маргарет Тачер, Беназир Буто...

„Тоа се големи жени со мисија и не залудно е речено ако сакаш нешто да се каже - побарај маж, а ако сакаш да биде сторено - побарај жена“, вели Флора и додава дека традицијата жените да се ставаат на пиедестал почнала да изумира кога се открило дека од таа позиција можат подобро да наредуваат. Звучи феминистички, ама нашата соговорничка не е од таа сорта. Констатацијата одеше повеќе како противтежа на тврдо и традиционално воспитување на жените-Албанки. „Многу често се навраќам на зборовите на Беназир Буто - таа вели дека на мажите им годи да изгледаат застрашувачки, а за нас таа квалификација не е пријатна. Веројатно затоа жените се обидуваат да бидат понеформални, но тоа не значи дека не можеме да бидеме цврсти кога е време за тоа“.

Далеку од вистината е дека Флора изгледа застрашувачки. Напротив, дента кога го правевме интервјуто беше петок, слободен ден за посета на парламентот. И сите љубопитни луѓе што чукнаа на нејзината канцеларија беа пречекани домаќински и љубезно.

„Ги сакам луѓето“, раскажува Флора откако на еден гостин, повозрасен човек, му ја опиша накусо својата работа. „Имав многу тешки моменти во животот, чекорев на граница до смртта и по тешката сообраќајна несреќа, бев врзана за кревет. Докторите креваа раменици и беше неизвесно што и како ќе биде со мене. Вистинско чудо е што проодев, што немам денес никакви последици. Тоа ме инспирира да верувам, а во религијата повеќе знам да ја испочитувам содржината отколку формата. Сега секое утро ми е подарок, му се радувам на сонцето, и окружена сум со весели, оптимистични луѓе. Но, сметам дека вистинската среќа не е целосна без огништето, а она чувство што го носиме од дома, добрината, спокојот, не зависат од луксузот и убавината на мебелот - туку од мајката“.

Флора со голем респект зборува за својата фамилија. Потекнува од интелектуално семејство, била многу врзана за татко и' Азем Мехмети, некогашен директор на „Макоплод“, за кого констатира дека „беше посебен, хуман и му личеше каде и да седне“. Флора ја има неговата комуникативност, и најтажен период во детството и' е оној кога го загубила татка си. Имаше 14 години и беше заштитнички настроена кон помалата сестра Теута и сета приврзаност , по женска линија, се случи со мајка и' Дијана. Ѓ-га Мехмети е основоположник на Албанскиот театар, вработена во него од 60-тите години на минатиот век, актерка во чија биографија се врзани сите важни елементи на оваа институција.

Образованието по гимназијата „Цветан Димов“ продолжува на Педагошката академија. Театарот беше нејзиниот втор дом, одеше на проби со мајка си, премиери, и во сеќавањата и' е врежана миризбата на штиците што значат живот. Што се однесува до одговорноста и исполнителноста, овие особини ги има откако знае за себе. Кога прави нешто, ја дава целата енергија без штедење и калкулации... Оттука учењето и' беше и и' остана приоритет.

„Одењето во театар ме тераше да читам повеќе, да развивам креација и имагинација. Се омажив на 18 години, со Орхан Кадриу, инаку инспициент во театар. И денес, по многу години заеднички живот, можам да кажам дека без неговата поддршка немаше да сум тука“.

И покрај разните теории за политичарите, едно е сигурно - најголемиот дел од времето и енергијата тие го трошат на работа, малку останува за дома. Флора е во хроничен недостиг од време што би го посветила на најблиските, на семејството. Но, во нејзината биографија, пред да и' се случи политиката, сепак, го имаше актерството.

„Во Албанскиот театар постоеше недостиг од женски кадар, се' уште под тврдиот традиционален и конзервативен начин на воспитување, тие ретко се осмелуваа да запливаат во актерските води. Се пријавив на конкурсот, се сеќавам, ја рецитирав ’Анабел Ли‘ на Едгар Алан По, имав монолог од ’Електра‘... Моето прво официјално искуство откако се вработив беше улогата во претставата ’Тајни седенки‘, што ја режираше Бранко Брезовац, каде што глумев езерска самовила. Првото искуство многу ме охрабри и ми беше поттик. Во театарот се задржав до 2003 година и бев една од носителките на женските улоги и љубовта кон оваа уметност ми остана речиси непоматена долги години.

И, како во домино-ефектот, по театарот дојде политиката. На Албанскиот му недостасуваа вистинските услови за работење, постоеше големо незадоволство внатре во театарот, а групирањето и создавањето кланови ги разбудија менаџерските гени кај Флора, потреба да смени нешто на подобро. Од 2006 е во политиката, година кога вели чувствата и' беа скоро затапени - мајка и' беше во кома и со голема болка го очекуваше исходот.

„Не можам да кажам дека вклучувањето во политиката значеше и прекин со претходниот живот. Се сеќавам дека одењето во театар потоа ми беше тажно. Од силното чувство, потреба да сум на сцена, да дадам своја креација, заплакав на една премиера, чувствувајќи голем немир. Моето место во театар се' уште е празно, ама денес имам друга визија - би сакала да се посветам на научната работа и моментално подготвувам докторат на Правен факултет“.

Солзите се еден од начините на искажувањето на чувствата на Флора. Многу ги имаше оние, радосниците, како на пример кога пред 18 години се роди синот Леон, претходно, за ќерка и' Леонора, а од пред една година, кога стана баба на внуката Фиона.

„Фиона е сега центар на нашите животи“, пресреќна е Флора. „Многу ги сакам семејните средби, неделните ручеци кога ќе се собереме и кога се дружиме необврзано. И најубав ми е комплиментот што го добив од зет ми Агим, брзо откако се зедоа со Леонора. Изненаден од тоа што готвам, тој ми рече дека покрај мене и француски шеф на кујна би изгледал како готвач во војничка менза. Убаво, нели!“

Хуморот како моќно оружје на Флора произлегува од нејзиното сензибилно набљудување на луѓето. Пријателството и' е императив во животот, го смета за систем за поддршка, и во тој контекст ги спомна убавите муабети со Елхаме Биљали, ама и со комшивката со која мора да се види барем еднаш дневно. Знае дека ништо не е лесно додека не го осознаеш. Кога ја запрашавме колку изгледот може да го креира животниот пат, ни кажа дека нема никаква мистика во врска со нејзините години, родена е 1966 година и убавината ја смета за важна, ама само за првиот впечаток. Меѓутоа, се' е бесцелно и празно без другите квалитети, образованието и начитаноста. Убавината се менува, а знаењето останува како трајна и најисплатлива инвестиција .

Токму затоа финиширањето на нашата средба беше со женски муабети - за надворешноста, гардеробата, за која цената не е пресудна, особено не за формирање на стилот, шминкањето - што и' е рутина, и за потпетиците што ги обожава.

„Умереноста е мојот лозунг за многу работи. Затоа и сметам дека за жената е многу важно да е средена, тоа е дел од воспитанието, домашната култура. Мајка ми, на пример, секогаш ми велеше - кога косата е средена, се' друго подобро изгледа. А вистинска благодат е да не имитираш никого, да си се сакаш“.

Токму така. Флора ја има својата автентичност во тоа што никогаш не се обидувала да биде поинаква одошто е.
Нејзината предност е - што е апсолутно своја.

Умереноста е мојот лозунг за многу работи


#
Статијата е прочитана 11143 пати.

Испрати коментар

Од: M.abdul Aziz
Датум: 26.11.2010 15:01:27
Mahatma Gandhi e musko a zenskoto e Indira Gandhi
Од: Eki
Датум: 26.11.2010 15:28:12
Sigurno nekoja greska od novinarot
Од: Biljana Nikolova
Датум: 26.11.2010 21:03:24
Ne znaev deka Flora e tolku umna zena.Znaci ima i kvalitetni politicari.Me bendisa nejzinata otvorenost.Bravo
Од: Mence
Датум: 27.11.2010 09:48:33
So voshit go citav tekstot. Bravo. Neka ova bide primer za zenskiot rod, deka zenata e taa sto vo semejstvoto segogas ja ima glavnata uloga i treba da bide vozvisena .
Од: kastriot
Датум: 27.11.2010 11:37:52
Bravo za flora! Se gleda zenata vo parlamentot, se bori za graganski prava kako za albancite taka i za makedoncite! Jas prv pat citam vakva istorija od eden/edna politicar/ka, a i ne skrie sto ima, sto se slucilo koga i kade!Znaci e seriozna zena i sakaa mnogu da uspee!

Најди! во Утрински
Забава
Нова енергија за женско будење
Направи хаос во скопскиот дом за деца без родители
Гордана Деан Поп-Христова
Ефективно
Чешки ТВ-водител во костум од 10 кг месо
Повторно се мажи на 72 години
 


Serbia is key to future Balkan EU bids, say diplomats
Draft bill on seizing assets angers Bulgarians
Police raid on Macedonian TV station causes outcry