„Вуман инк“
Нова енергија за женско будење
Јанет Ваесен и Алет Кларенбек се „идејни мајки“, ама и авторки на платформата на здружението „Woman inc“ (Вуман инк) што во нивната татковина Холандија, поточно во Амстердам, бележи активност веќе 5 години. Неодамна на поканата на холандската амбасадорка Симон Филипини го посетија Скопје, се запознаа со овој дел од Балканот и со нашите жени. Идејата е да се осознае дали постои можност за зближување, создавање разгранок во Македонија, односно дали истите проблеми можат да создадат „сестринско “ здружение и кај нас.
„Заклучокот е ист, каде и да се отиде, во кој и да сте дел од светот, жените ги мачат исти маки“, вели Јанет. Иако последна деценија е забележен евидентен прогрес на жени“, се' повеќе ги има во политичкото лидерство, бројот на новинарки е се' поголем, а нашата доминација се забележува во сите сфери на шоу-бизнисот. Сепак, економската зависност изгледа обесхрабрувачки и ги спречува жените во натамошните чекори, па и во планирањето на сегашноста и на иднината“.
Лидерките на холандското здружение се економски независни - едната по професија е историчар и антрополог, а втората историчар на уметност. Тие се со став дека е потребна нова енергија за женското движење, онаа што се темели врз искуствата на досегашните здруженија, оплеменета со нови идеи за најдоброто решение за женските прашања.
„Нашето здружение, инаку независна фондација, има цел решавање на пет прашања што се воедно и нашата база. Тоа се правата на жените, економска независност, унапредување во кариерата, еманципација и разновидноста на професии“.
Каде најмногу можат да се сретнат македонската и холандската жена и кои се предностите и маните на земјите во кои живееме беше едно од прашањата што го упативме на шармантните гостинки. Како земја со најлиберални сваќања, во Холандија се дозволени истополни бракови, како нова форма на семејното живеење. Но, различностите се провокативни.
„За нас интригантно беше тоа што холандска жена е 7% помалку застапена и платена од нејзиниот колега, ама од спротивниот пол, без оглед на тоа што има исто образование и слично искуство. Кај вас, на пример, жените се со 40 отсто застапени во парламентот, а кај нас на таа тема се' уште постои отпор“, констатираа гостинките. Натаму, во Македонија сиромаштијата е поголема, ама сте во предност поради премостувањето на јазот со малцинствата. Во Холандија породилното отсуство трае три и пол месеци, а кај вас е тројно поголемо“.
Платформата на жените се развива по неколку точки, а визијата е важен елемент во достигнувањето на целосната партиципација во холандското општество. Станува збор за откривањето на сопствената сила и на потребата на општеството од неа..
И, најважното - целната група на „Вумен инк“ се образувани жени на возраст од 25 до 45 години, но добредојдени се и постари и помлади личности што би сакале сосема енергија во нивните животи. (В.Т.) |