Грчките медиуми тврдат дека ќе се стави клуч на „Космофон“
Целта е да не им се наштети на интересите на „Дојче телеком“ во државите каде што функционира „Т-мобиле“
Александрија Стевковска
Мобилниот оператор на грчката „Космоте“ во Македонија - „Космофон“ ќе се затвори, пишува грчкиот весник „Та неа“. Операторот „Космофон“ е во сопственост на „Космоте“, која од своја страна е компанија-ќерка на грчкиот национален телеком ОТЕ. Минатиот месец грчката влада склучи договор со „Дојче телеком“ за стратегиско партнерство.
По внимателно проучување на договорот потпишан од грчката влада и од германскиот гигант, „Та неа“ пишува дека Атина ги прифатила условите според кои „Космоте“ ја прекинува дејноста во Македонија и нема да ја користи дозволата за развивање на дејноста во Црна Гора.
Целта е да не им се наштети на интересите на „Дојче телеком“ во државите каде што функционира „Т-мобиле“, пишува грчкиот весник.
Ова е изненадување и за „Космофон“, која не само што не мисли на затворање, туку имаше и најава за проширување на своите активности, преку влез во фиксната телефонија. Од ОТЕ информираат дека не се работи за конечна одлука за затврање и дека „Космофон “останува нивен стратешки партнер
Сепак, извесно е дека по купувањето на ОТЕ од страна на германскиот гигант „Дојче телеком“, судбината на „Космофон“ е во рацете на новиот сопственик, кој најпроблематично дејствување има токму во Македонија поради просторот за создавање концентрација на моќ и монопол во мобилната телефонија. Изборот е да се затвори или да се продаде вториот мобилен оператор во земјава.
Кај нас Комисијата за заштита на конкуренцијата се' уште испитува дали со влезот на „Дојче телеком“ во ОТЕ Македонија ќе добие монопол во мобилната телефонија. Поточно, Комисијата се' уште чека на извештајот на „Дојче телеком“ дали ќе има концентрација на моќ, која ќе настане со спојувањето на германската и грчката фирма. „Дојче телеком“ треба да поднесе нотификација која ќе предизвика активности од страна на Комисијата, во однос на поведување постапка за испитување на случајот.
Сите активности за преиспитување на влијанието врз пазарите на кои е присутен „Дојче телеком“ и ОТЕ започнаа откако германски „Дојче телеком“, кој е газда на нашиот „Т-мобиле“, купи 25 отсто од грчки ОТЕ, кој, пак, преку „Космоте“ е сопственик на вториот мобилен оператор во земјава - „Космофон“. Тоа значи дека ако „Космофон“ продолжи со работа во сопственост на „Дојче телеком“, би биле двата мобилни оператора кои држат 92 процента од пазарот во земјава. Германскиот телеком и грчката влада сега поседуваат еднаков број акции во ОТЕ и по пет места во десетчлениот Борд директори. Владата во Атина попуштила пред барањето на Германците и, според договорот, главните менаџерски позиции во ОТЕ ќе бидат во рацете на „Дојче телеком“. Зделката ќе биде официјализирана кога одлуката на владата ќе биде изгласана во грчкиот парламент, што се' уште не завршено.
Германската групација се согласила да плати по 29,75 евра за акција на ОТЕ или 3,2 милијарди евра за целиот пакет-акции. Со влезот во ОТЕ, германскиот гигант не влегува само на грчкиот пазар, туку и на пазарите во Романија, Бугарија, Албанија и во Србија. Одделни медиуми објавија дека двете компании единствено може да создадат монопол на македонскиот пазар, каде што ОТЕ преку својот мобилен оператор „Космоте“ е газда на „Космофон“, а во сопственост на „Дојче телеком“ се „Т-мобиле“ и „Македонски телеком“.
Од „Дојче телеком“ најавија дека околу ова прашање најмногу внимание ќе посветат на македонскиот пазар, а не се исклучува можноста „Космофон“ да го смени газдата или да се затвори. Како најзаинтересирани беа руска „Система“, норвешката компанија „Теленор“, шпанска „Телефоника“ и британски „Оринџ“. Сега тоа значи дека во Македонија, во делот на мобилната телефонија, ВИП ќе остане единствен конкурент. Домашната регулатива е јасна, а според неа секое групирање што ќе помине 40 отсто од клиентите и услугите на пазарот е предуслов за нов монопол.
|