„Лукоил“ сака да ги прошири своите активности во Македонија, го информирал претседателот на компанијата Вагит Алекперов претседателот на Македонија Бранко Црвенковски на средбата што се одржала на маргините на економскиот форум во Санкт Петербург. Претседателот на „Лукоил“ го информирал претседателот Црвенковски за инвестициските активности на компанијата, особено во државите на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Претседателот Црвенковски изразил жалење дека во почетокот „Лукоил“ наидуваше на пречки од административен карактер, што придонесе реализацијата на инвестициите да не се остварува со планираното темпо. Македонскиот претседател ги поддржал плановите за развој на „Лукоил“ во нашата земја и изразил очекување дека во наредниот период тие ќе се реализираат со многу побрзо темпо. Претседателот Црвенковски посебно го потенцирал фактот дека на нашата земја и' се потребни инвестиции, особено од реномирани инвеститори, кои имаат потенцијал да придонесат за економски развој на државата. (МИА)