Трговскиот дефицит и инфлацијата најголеми ризици

Дефицитот на тековната сметка во првата половина од годинава достигна 408 милиони евра
Трговскиот дефицит ја влошува состојбата на тековната сметка на платниот биланс. Дефицитот на тековната сметка во првата половина на годинава достигна 408 милиони евра, наспроти суфицитот од 92 милиона евра во истиот период минатата година. Гувернерот на Народна банка, Петар Гошев, за „Утрински весник“ објаснува дека тоа се должи на големиот трговски дефицит, што годинава го „набилдаа“ цените на енергенсите и на храната, како и на забавеното темпо на приватните трансфери од странство. Овој минус мора да се покрие, бидејќи би можел да предизвика проблеми на пазарот на девизи. „Со оглед на тоа што нема проблеми на пазарот на девизи, тоа значи дека дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се покрива со зголеменото ниво на странски инвестиции. Добро е што тие годинава се повисоки од лани“, вели Гошев.
Што се однесува на инфлацијата, се' уште постојат ризици што можат да притиснат врз инфлаторната спирала. Главната неизвесност е натамошното движење на цените на нафтата и на храната на светските берзи, како и домашните цени на електричната енергија. Ова се вели во вчерашното соопштение од НБМ, во кое сепак таа констатира дека инфлацијата стивнува.
Годишниот раст на цените во август изнесува 8,6 проценти, што претставува значително забавување во однос на претходниот месец од 9,5 отсто. Тоа се должи на повисоката споредбена основа, имајќи предвид дека посилниот раст на цените на исхраната започна токму во август лани. Затоа и базичната инфлација бележи мало забавување. Во услови на намалување на општото ценовно ниво на месечна основа во јули и во август и забавување на нивниот годишен раст, намалување забележа и просечната стапка на инфлација, која во периодот јануари - август изнесуваше 9,5 отсто.
Девизните резерви на Македонија бележат пораст од 19 милиони евра и на крајот на полугодието изнесуваа 1,543 милијарди евра. Од почетокот на годината, доминантни инструменти во кои се пласирани девизните резерви се должничките хартии од вредност, записи и обврзници, издадени од владите и владините организации од земјите на еврозоната и САД, должничките хартии од вредност на меѓународните финансиски институции, како и други инструменти со фиксен принос. Пласирањето на девизните резерви во висококвалитетни хартии од ��редност овозможи намалување на изложеноста кон кредитниот ризик, без намалување на профитабилноста на пласманите. Доминантното учество на еврото во валутната структура придонесе за инвестирање на најголемиот дел од девизните резерви во земјите од еврозоната, при што беа почитувани критериумите на кредитна изложеност. Врз основа на управувањето со девизните резерви во првото полугодие од 2008 година, остварени се приходи во износ од 24,1 милион евра. (С.М.) |