Македонија може да биде исклучена од Енергетската заедница

Секретеријатиот и' испрати на Владата 20 страници текст со забелешки за Законот за енергетика
Маја Томиќ
Со практичната имплементација на последните измени во Законот за енергетика, Владата ризикува државава да биде исфрлена од европската енергетска заедница. Тоа ќе значи дека ќе останеме сами во енергетска смисла, односно дека нема да имаме можност да ги користиме бенефициите од внатрешниот пазар на енергија, како и од пазарите на ЕУ и на ЈИЕ. Ќе останеме изолирани и нема да можеме да воспоставиме одржлив и отворен пазар за трговија со гас и со електрична енергија со регионот. Од економски аспект, предноста од заедничкиот енергетски пазар, пак, е мрежното поврзување на земјите заради задоволување на енергетските потреби, бидејќи ниту една земја сама за себе не работи и сите меѓусебно тргуваат со струја. Со енергетската поврзаност според пазарни принципи се овозможува и поевтино снабдување со струја и со гас.
Незадоволен од новиот Закон за енергетика, Секретаријатот на Енергетската заедница за Југоисточна Европа, на 17 септември повел постапка за решение за спорот, што е прва од ваков вид во неговото постоење. Секретаријатот, како што стои во информацијата на неговата веб-страница, дејствувал по жалба од приватна компанија (ЕВН Македонија н.з) и цени дека неодамна изменетиот Закон за енергетика има потреба од дополнителни правила и заложби, за целосно да се почитува Законот за енергетика на Заедницата.
Ова писмо е потврда дека Владата дефинитивно отстапила од директивите на ЕУ во сегментот енергетика, како и од Атинскиот меморандум, чија потписничка е Македонија од 2005 година. Парафот на овој документ го стави тогашниот (и сегашен) министер за економија, Фатмир Бесими, а Меморандумот практично важи од почетокот на 2006, откако се усвои од Собранието. Целта на овој документ е земјите, кои не се членки на Унијата и оние што се во регионот на Југоисточна Европа, да создадат единствен пазар и да воведат унифицирани правила во енергетскиот сектор, кои ќе бидат еднакви со правилата на ЕУ.
Инаку, Секретаријатот има една единствена функција, а тоа е спроведување на Атинскиот меморандум и имплементирање на одредбите што произлегуваат од тоа. Во суштина, оние земји кои се потписнички на овој документ, значи дека целосно ги прифаќаат енергетските принципи, правила и законодавството на ЕУ.
Поведувањето ваква постапка на Секретаријатот значи дека е зачудувачки што Македонија не почитува доброволно прифатен документ. Согласно со процедурата, испраќањето на писмото до Владата, односно до Министерство за економија, значи дека, откако е проучен Законот за енергетика, детектирани се извесни отстапувања, за кои се бараат појаснувања и дополнителни информации од Владата. Ако Законот бил во согласност со директивите на ЕУ и со Меморандумот, во тој случај постапка не би ни почнала, туку писмото веднаш ќе било отфрлено, со образложение дека нема никаква основа, коментираат експерти.
Реакцијата на Секретаријатот доаѓа по писмената реакција од страна на „ЕВН Македонија“ во почетокот на септември. Компанијата има две клучни забелешки на Законот, а тоа е можноста што му се дава на ЕЛЕМ да биде трговец и производител на струја и признавањето на 11 отсто технички загуби по регулирана цена, поради што „ЕВН Македонија“ пресмета дека ќе има милиони евра дополнителни трошоци.
Во писмото на Секретаријатот до Владата, кое има околу 20 страници со прашања и забелешки, им се препорачува на двете страни, „ЕВН Македонија“ и Владата, да ги изложат своите аргументи и да го решат проблемот со арбитража, односно спогодбено. Во спротивно, крајната одлука ќе биде на Секретаријатот. Дознаваме дека, клучните забелешки на Енергетската заедница се нетранспарентност при донесувањето на Законот за енергетика и монополската позиција што тој му ја дава на ЕЛЕМ, што е спротивно на законодавството на ЕУ.
Инаку, потписнички на Атинскиот меморандум, покрај Македонија, се Албанија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Романија, Турција, Србија и Црна Гора и Косово, кои имаат обврска да ги усогласат своите национални законодавства од областа на енергетиката со европското. |