Лани во земјава инвестирани 320 милиони долари
Женева - Во Македонија во 2007 година влегле вкупно 320 милиони долари странски директни инвестиции, при што биле регистрирани девет гринфилд-вложувања, се наведува во извештајот на Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД), објавен во Женева. Според прогнозите на УНКТАД, вкупниот прилив на странски директни инвестиции на глобално ниво, вклучително и нашата земја, годинава се очекува да падне за 10 отсто.
Македонија се вбројува во групата земји кои во 2007 имале прилив на странски инвестиции меѓу 100 и 900 милиони долари, заедно со Црна Гора, Албанија, Туркменистан, Таџикистан, Узбекистан, Киргизија, Ерменија и Молдавија. Вкупниот прилив на странски директни инвестиции во Македонија минатата година се намалил во споредба со 2006, кога тој изнесувал 424 милиони долари, од кои добар дел отпаѓа на продажбата на ЕСМ. Евидентен е падот на гринфилд-инвестициите во Македонија на вкупно девет за 2007, во однос на 2006, кога таа бројка изнесувала 26, но и на 2005, кога биле забележани 11 гринфилд-инвестиции. Лидер е Хрватска, која во 2007 остварила прилив на странски директни инвестиции во висина од близу 4 милијарди долари. Следуваат Србија со 3,11 милијарди долари, Босна и Херцеговина со 2,022 милијарди долари и Албанија со 656 милиони долари. (Макфакс)
|