Брoj 2797  петок, 26 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Економија

Градежниците не знаат од каде се 23 проценти раст на БДП

Статистичарите го објаснуваат податокот со изградбата капитални објекти што носат инвестиции

Билјана Ангеловска

Судејќи според фактичката состојба на градежниот пазар во државава, чудно изгледаат оние 23 проценти раст на БДП во градежништвото. Ова е ставот на најголемиот дел од градежните работници во Македонија, кои не се согласуваат во целост со последниот податок на Државниот завод за статистика, според кој бруто-домашниот производ пораснал за 6,5 отсто во вториот квартал, при што најголемото процентуално зголемување е забележано во градежништвото, цели 23,2 отсто. Во Заводот велат оти ова е многу битен показател за вкупната состојба во стопанството, со оглед на тоа што околу 6 проценти од вкупниот БДП припаѓа токму на градежништвото. Процентот и не е толку голем ако се спореди со оној во некои од земјите од опкружувањето, како на пример Словенија, каде што се искачува дури на 33 отсто.

„Ако се погледнат изминатите години, ќе се види што се' се градеше, а сепак немаше така голем процент. Во Македонија најголемите инвестиции се во патиштата, а ако се има предвид дека беа запрени два тендера со вкупна вредност од околу 15 милиони евра, тогаш не е јасно на што се должи високиот процент на БДП во градежништвото. Дотолку повеќе што на делот од обиколницата, кој е пуштен во сообраќај, работеше грчката фирма ’Терна‘, а не наша компанија. Работата на ’Бетон‘ на овој објект беше релативно мала за да може да влијае на крајниот ефект“, велат во градежното претпријатие „Пелагонија“.

Во Државниот завод за статистика потенцираат дека дејноста градежништво не подразбира стриктно само изградба, туку опфаќа широк обем на активности, како што се подготвителни работи, ископ на земја, потоа реконструкции и изградба на патишта и на објекти, изградба на канали, завршни работи во кои спаѓаат и занаетчиски, инсталатерски, изолациски работи, сигнални системи на патишта, хидроградба и слично. Сето тоа влегува во пресметките за движењето на БДП. Оттаму појаснуваат дека последните податоци се базираат на извештаите добиени од компаниите кои сами информирале за зголемен обем на работа на домашниот градежен пазар, за разлика од претходните години, кога стагнираше домашното производство на сметка на ангажманот во странство. Сега станува збор, пред се', за капитални објекти што носат инвестиции, какви што се изградбата на неколку трговски центри, на хотел во Скопје, реконструкцијата на мостовите од Демир Капија до Гевгелија.

Во градежната компанија „Гранит“ не сакаат да го коментираат последниот податок од Статистика. Само потенцираат дека тие се задоволни од обемот на работа на фирмата на домашниот пазар, бидејќи моментално работат на две брани „Света Петка“ и „Злетовица“, потоа на обиколницата на Скопје, на санацијата на мостовите по автопатот, плус на други „поситни“ проекти, како што е Спомен-куќата на Мајка Тереза, за неколку општини. Сето тоа на „Гранит“ му овозможи да покаже прилично голема добивка по првите шест месеци од годинава, што, секако, влијае и на висината на БДП.

Статистичарите тврдат дека иако процентот е навистина изненадувачки висок, особено ако се спореди со ланскиот, кога во истиот квартал растот на БДП изнесувал само четири отсто, сепак, бројката е базирана на реални податоци добиени од месечни истражувања и извештаи од 50-ина деловни субјекти и од сите општини во државава од каде што се добиваат информации за бројот на побарани и издадени градежни дозволи. Од друга страна, пак, градежништвото е гранка која вклучува многу други дејности, чиј развој, исто така, влијае на порастот на градежниот БДП. Тука се мисли на индустријата за производство на градежни материјали, на керамичката, хемиската индустрија и други.

„Производството на градежните материјали нема да влијае на крајниот процент ако не е целосно реализиран градежниот процес, односно ако не е изграден објектот и не се наплатени услугите“, е контраставот на дел од градежниците.

Сепак, сите се согласни дека кварталниот раст на БДП не мора да биде точен показател за крајната слика. Бидејќи сигурно е дека годишниот процент на движење на бруто-домашниот производ ќе зависи и од тоа што ќе покажат и последните две тримесечја од годинава.


Статијата е прочитана 429 пати.

Испрати коментар

Од: dragan
Датум: 26.09.2008 06:34:51
pa ne se samo Granit i Pelagonija gradezni firmi vo Makedonija , ima uste 1000 drugi gradezni firmi koi rabota, koi na crno koi na belo .... i gradeznite matrijali ako se proizveduvaat .. znaci deka nekoj gi troshi....

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Економија
Македонија може да биде исклучена од Енергетската заедница
Бизнисмените од Торино ја сакаат автомобилска индустрија во Македонија
Трговскиот дефицит и инфлацијата најголеми ризици
Во Стопанска банка штедиш 12 месеци, добиваш камата за 13
Лани во земјава инвестирани 320 милиони долари
НЛБ Тутунска банка се докапитализира со 10,8 милиони евра
Економската состојба се влошила кај половина од семејствата
Скок на индустриското производство во август за 8,6 отсто
„Тинекс“ лани општествено најодговорна фирма
Кредит за занаетчии, нов производ на Прокредит банка