МАТ ќе се приземји ако не ги плати долговите
Агенцијата за цивилно воздухопловство в понеделник ќе го приземји националниот авиопревозник МАТ ако дотогаш компанијата не плати рата од репрограмираниот долг, во вкупен износ од 6,8 милиони денари. Агенцијата за цивилно воздухопловство пред два дена му го достави на МАТ известувањето дека од 29 декември ќе престане да му дава услуги, ако не биде платен долгот.
Во Агенцијата информираат дека согласно со договорот за репрограмирање на долгот, МАТ ги нема исплатено тековните обврски во договорениот рок , во износ од 1,2 милиони денари, ниту, пак, се придржува на утврдената динамика за отплаќање на дел од остатокот од долгот.
Во МАТ вчера беа шокирани од најавата за приземјување, нагласувајќи дека се случува во исто време кога Владата одговори на апелот на МАТ и и' даде силна поддршка за решавање на спорот со „Еуроконтрол“, како и околу ставањето мораториум на долговите спрема државата. Имено, МАТ неодамна побара шестмесечно одложување на плаќањето на ратите од репрограмираните долгови спрема аеродромското претпријатие и Агенцијата.
Одговарајќи на барањето на националниот превозник, Министерството за транспорт и врски минатата недела испрати барање до генералниот директор на „Еуроконтрол“ за најитно решавање на овој спор.
„Наспроти ваквиот став на ресорното министерство и во време на една од најголемите светски рецесии, АЦВ, која е директно задолжена да ги штити интересите на државата и на националниот авиопревозник, спротивно на сите очекувања, презема еден ваков чекор“, велат во МАТ. (С.Н.) |