Формирано е првото Кредитно биро во Македонија, кое ќе им дава релевантни информации на финансиските институции за кредитната способност на граѓаните. Вчера е запишано во Централниот регистар, а неговите услуги ќе може да се користат за неколку месеци.
Корисници на услугите ќе бидат банки, штедилници, осигурителни друштва, друштва за финансиски лизинг, платежни картички, Управата за јавни приходи, кои, всушност, ќе бидат и даватели на информации, кои се однесуваат на обврски на граѓаните по основа на кредити, картички, заеми, лизинг, осигурување, обврски од телекомуникациски услуги, енергија, комунални услуги, даноци и слично.
Кредитното биро, според генералниот извршен директор Славица Богоева, има предности и за потрошувачите, и за банките и за државата. Предноста за потрошувачите, како што вели, е што ќе доаѓаат полесно до кредити, но ќе ги штити и од презадолженост. Банките подобро ќе управуваат со кредитниот ризик, а користа за државата е поголемата финансиска дисциплина, привлекување странски инвестиции и слично. „Светските искуства, вели Богоева, покажуваат дека со формирање кредитно биро, се зголемува кредитната активност“.
Министерот за финансии Трајко Славески очекува со формирањето на Бирото да се зголеми квалитетот на кредитирањето, што значи ќе добиваат кредити оние што се способни да ги вратат. „Бирото се основа во време на глобална финансиска криза предизвикана од лоши, непрудентни деловни одлуки на одредени банки во САД и во Западна Европа. Во такви услови, се чини, визионерска одлуката на Владата и на бизнис-заедницата да се основа приватно кредитно биро, со широка база на податоци, како предуслов за донесување здрави и економски оправдани одлуки“, рече министерот Славески. Тој додаде дека Бирото ќе претставува корисна алатка при процената на ризикот од неизвршување на преземените договорни обврски од страна на корисниците на услуги, независно од тоа дали се работи за финансиски услуги или, пак, услуги од сферата на комуналиите, телекомуникациите и други служби и оператори.
Кредитното биро ќе функционира како акционерско друштво, основано од Клириншката куќа, чии основачи, пак, се банките. (С.М.)
Konecno nesto pametno, da ostavime da vidime dali toa biro ke profunkcionira.Toa ke znaci pogolema fleksibilnos za dobivanje krediti ako se ima dobra podloga za negovo vrakanje, i razvoj na makro ekonomskiot sektor.