СТИЛ
Синди Мекејн и Мишел Обама во битка за прва дама на САД

Зад секој успешен маж стои успешна жена оваа есен го добива своето своето изворно и вистинско значење
Јасминка Павловска
Синди Мекејн

Уште од првиот опис на Синди Лу Хенсли Мекејн во нејзината биографија, каде што е претставена како бизнисменка и филантроп, може да се заклучи дека таа е главната финансиска поддршка на политичката кариера на својот сопруг. Всушност, таа е претседателка на Управниот одбор на компанијата „Хенсли“, основана од нејзиниот татко, како и на „Анхојзер - Буш“, еден од најголемите дистрибутери за пиво во САД. Таа е основач и на чело на хуманитарната непрофитна организација „Американски доброволен медицински тим“ во периодот од 1988 до 1995 година и има организирано мисии на медицински персонал во подрачја од Третиот свет, зафатени од природни катастрофи или војни. Сега, Синди Мекејн се' уште е на чело на неколку хуманитарни организации.
Синди Лу Хенсли Мекејн е родена на 20 мај 1954 година во Феникс, Аризона, како ќерка на Џејмс Хенсли, основач на „Хенсли енд ко.“ во 1995 година и на Маргарет Смити Хенсли. Синди е единствено дете од бракот на нејзините родители, кој бил втор и за двајцата. И од страна на татка си и од страна на мајка си има по една полусестра, за кои не знаела дека постојат додека растела. Отсекогаш била воспитувана како богата наследничка, прогласувана за јуниор родео кралица на Аризона во 1968 година, најубаво облечена на матурата во 1972 година. Има диплома и магистратура од областа на уметноста од Универзитетот на Јужна Калифорнија. За време на студиите ги минува типичните фази на богата американска студентка, па била и мажоретка на универзитетскиот спортски тим, како и членка на конзервативното универзитетско сестринство. Пред да се посвети на семејниот бизнис, една година работела како учителка со специјално образование со деца заболени од Даунов синдром.
Со својот сопруг Џон Мекејн се запознава во април 1979 година на еден воен прием на Хаваи. Џон Мекејн тогаш бил офицер за врска меѓу Американската морнарица и Сенатот, осумнаесет години постар од Синди и во брак со Керол. Синди и Џон бргу започнуваат врска, патувајќи меѓу Аризона и Вашингтон. Набргу Џон Мекејн го раскинува бракот со Керол и на 17 мај 1980 година стапува во брак со Синди. Според нивниот предбрачен договор, најголемиот дел од нејзиниот семеен имот е на име на Синди. Нивните финансии се посебни и одделно плаќаат данок.
Бизнис и политичките врски на таткото на Синди му помагаат на Џон да го направи вистинскиот чекор во политиката, за почеток на државата Аризона. Синди активно учествува во неговата успешна кампања за влез во Конгресот во 1982 година. Откако Џон Мекејн е избран во Конгресот, двојката се сели во Вашингтон. Тој период Синди го преживува мошне тешко, како провинцијалка неприфатена во високото друштво од Конгресот во Вашингтон. Страда од носталгија и најболен спомен и' е дека два месеца рачно испишала 4.000 божикни честитки. Во тој период доживува и неколку спонтани абортуси. Во 1984 година, таа се враќа во Аризона, каде што ја раѓа првата ќерка Меган. Во 1986 година го раѓа Џон Сидни Четврти (го викаат Џек), а Џејмс (Џими) во 1988 го��ина. Нивното четврто дете Бриџет е посвоено во 1991 година од сиропиталиштето на Мајка Тереза во Бангладеш.
Во текот на политичката кариера на својот сопруг, во 1989 година Синди имаше една афера со зависност од лекови, кога пиела и по 20 таблети дневно, добивајќи ги на рецепти за други лица, без нивно знаење. Таа зависност била поттикната во почетокот од болки во грбот, постоперативни болки и емотивен стрес за време на аферата „Китинг 5“. Аферата завршила со тригодишно лекување на Синди од зависност од лекови.
Во 2004 година, таа доживува речиси фатален мозочен удар, предизвикан од висок крвен притисок. По неколкумесечна терапија, речиси целосно закрепнува, иако се' уште страда од краткотрајно губење на меморијата и тешкотии во пишувањето.
По смртта на нејзиниот татко во 2000 година, Синди Мекејн е претседателка на „Хенсли енд ко.“, компанија со 300 милиони долари годишен приход. Таа и нејзините деца, заедно со едно од децата од првиот брак на Џон Мекејн, поседуваат 68 проценти од компанијата. Таа нема намера да се откаже од челната позиција во компанијата дури и ако стане прва дама на САД.
Мишел Обама

Покрај разликата во социјалното потекло и неодминливиот момент во САД за расното потекло, се чини дека и генерациската разлика од десет години меѓу Мишел Обама и Синди Мекејн создава сосема поинаква перцепција за сопругата на демократскиот кандидат за претседател на САД, Барак Обама. Додека Синди остава впечаток на заштитена конзервативна дама од високото општество, која и покрај богатството е во сенка на сопругот, за Мишел доминира претставата дека е рамо до рамо со својот сопруг, иако таа за време на кампањата инсистира дека „не е прв политички советник“. Во текот на кампањата на една конвенција изјавила дека сопругот го „условила“ за својата поддршка за неговата претседателска кандидатура со ветување дека ќе се откаже од пушењето. Својата улога во јавните настапи се труди да ја сведе на планот на воспитување и образование на децата, употребувајќи ја рамката на мајчинството. Мишел Обама вложува напори да ги скротува своите политички амбиции. Но, тоа не ги спречи медиумите во почетокот на кампањата да ја доживуваат и да и' ја лепат етикетата на „лута црна жена“. По таа „титула“, Мишел ги омекна своите настапи, па наместо во вести, почесто почна да се појавува во женските магазини. Од друга страна, медиумите се восхитени од нејзината страсна решителност во кампањата на нејзиниот сопруг, како и од елоквенцијата и интелигенцијата.
Мишел Обама е родена на 17 јануари 1964 година во Чикаго, Илиноис, како Мишел Робинсон, ќерка на Фрејзер Робинсон, кој работел како градинар во градот, и Маријан Робинсон, секретарка во книжарница. Израсната е во типично американско семејство со двајца родители и две деца. Корените на нејзиното семејство водат до Афроамериканците, дојдени во САД, пред Граѓанската војна и населени на југот од земјата. Се' уште голем дел од нејзиното семејство живее во Јужна Каролина, држава каде што се' уште важен фактор во општеството се расните разлики. Затоа Мишел уште во училишните денови се искажува како амбициозна девојка, секогаш со одличен успех и активна во училишните совети и секогаш на браникот на правата на малцинствата. Универзитетското образование од областа на правото и' е верифицирано од престижниот универзитет Принстон, како и од Правната школа на Харвард. За време на постдипломските студии на Харвард учествувала во политичките демонстрации, бранејќи ги правата за поголема ангажираност на професорите, припадници на малцинствата. Со Барак Обама се сретнува додека двајцата се млади адвокати во различни фирми. Всушност, Мишел била одредена да му биде ментор на некој летен правен семинар. Нивната врска започнува со службен ручек, а потоа на некој општински состанок тој ја воодушевува со своите ставови и елоквентност. Официјално врската им започнува по заедничкото излегување во кино на филмот на Спајк Ли „Направи го вистинското нешто“. Се земаат во октомври 1992 година и во бракот имаат две ќерки: Малија Ен, родена во 1998 година, и Наташа (која ја викаат Саша), родена во 2001 година.
Мишел Обама можеби не е „првиот политички советник“ на својот сопруг, но секако е важен фактор во изборот на неговите советници. Уште одамна. додека се' уште биле само свршеници, таа побарала од него да го запознае со својата шефица Валери Џарет. Сега Џарет е една од најблиските советници на нејзиниот сопруг.
По п��четокот на кариерата во адвокатска фирма, Мишел Обама набргу се префрла во Градското собрание на Чикаго, како советник на градоначалникот и помошник-комесар во одделот за планирање и развој. Продолжува како извршен директор на невладина организација за поттикнување на младите да работат на социјалните проблеми. Во биографијата го има и моментот на помошник-декан на Универзитетот во Чикаго, а од 2002 прво како извршен директор на Универзитетската болница во Чикаго, а од мај 2005 година е потпретседател за општествени и надворешни прашања. Се' уште е на таа позиција.
Со промоцијата на нејзиниот сопруг за надежен национален политичар, таа станува дел од поп-културата на САД. Така, женските магазини ја ставаат меѓу 25 најинспиративни жени во светот, а во јули 2007 година „Венити фер“ ја става меѓу десетте најдобро облечени жени во светот. Во септември 2007, магазинот на Универзитетот Харвард ја става на 58. место меѓу стоте највлијателни дипломци од Харвард. Нејзиниот сопруг беше на четврто место.
Според даночните пријави од 2006 година, годишната плата на Мишел Обама од Универзитетската болница во Чикаго изнесува 273.618 долари, додека платата на нејзиниот сопруг од Сенатот на САД изнесувала 157.082 долари. Вкупниот приход на семејството Обама во 2006 изнесувал 991.296 долари, вклучувајќи ги 51.200 долари што Мишел Обама ги заработува како член на бордот директори на компанијата „Три хаус фудс“.
Интересно е тоа што моделот на прва дама на САД, што Мишел Обама има намера да го практикува ако Барак Обама стане претседател на САД, е токму оној на Хилари Клинтон, која беше најголем конкурент на нејзиниот сопруг за партиската номинација. |