Број 2809  сабота, 11 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Забава

СТИЛ

Не мора да сум ѕвезда, сакам да сум најдобар на сцената

Мене не ми е амбиција да бидам ѕвезда, зашто јас го работам тоа што го сакам, вели Игор Дурловски

Јасминка Павловска

По седумгодишно „странствување“ и градење интернационална кариера на оперски уметник, Игор Дурловски (бас) како дома се чувствува само во Македонија. И својата перспектива, всушност заедничката иднина со сопругата Ана (сопран), ја гледа во родната земја, од каде што тргна професионално да се реализира во светот. Игор и Ана Дурловски последниве две и пол години живеат во Мајнц, Германија. Ана има постојан ангажман во тамошниот театар, додека Игор работи со статусот слободен уметник. Инаку, и двајцата се првенци на Македонската опера, со договор секој слободен термин меѓу нивните ангажмани во странство што се совпаѓа со репертоарот на МОБ да го минат на матичната сцена. Така, Игор Дурловски в недела навечер (12 октомври) ќе настапи на отворањето на оперската сезона на МОБ со операта „Риголето“. Причината за неговото доаѓање во Македонија овој пат беше настапот на отворањето на „Интерфест“ на 2 октомври во неговата родна Битола. Но, покрај таа причина, со чуден сплет околности, на 5 октомври со големо задоволство настапи и на концертот во чест на Тоше Проески на Градскиот стадион во Скопје.

„Статусот слободен уметник навистина дава повеќе простор за различни ангажмани“, вели Игор Дурловски. „Благодарение на таа моја позиција моментно, успеав да настапам на концертот во чест на Тоше Проески, што ми претставуваше голема чест и задоволство. Навистина, постојаниот ангажман во некој театар дава поголема сигурност, но во Германија, каде што живееме сега, има 150 театри, успешни уметнички менаџерски агенции со кои соработувам, па речиси постојано имам настапи, било во оперски продукции, или концерти. Во Виена, каде што живеевме 5,5 години, имав постојан ангажман во Виенската камерна опера, но Ана доби понуда од Мајнц. Заклучивме дека тоа е голема професионална шанса за двајцата и за нашата иднина. Бидејќи двајцата сме во истата професија, некако природно имаме исти сфаќања и разбирања. Всушност, кога ја добив понудата во Виенската камерна опера, Ана тогаш дојде со мене. Тоа е меѓусебен и приватен и професионален непишан договор кој ни е сосема логичен“, раскажува басот Игор Дурловски.

Како своевиден куриозитет во заедничкиот живот на Ана и Игор Дурловски е дека досега тие само еднаш работеле заедно на проект, иако најчесто ги доживуваат како двојка.

„Можеби само во Македонија не' доживуваат како нераздвоен пар. Инаку, јас и Ана само еднаш имаме работено заедно и тоа во Сараевската опера, на проектот ’Севилскиот бербер‘. Велат дека не е најдобро маж и жена да бидат во иста професија, зашто кога-тогаш се појавува некакво ривалство, конкуренција. Но, ние не гледаме така на тоа. Можеби затоа што таа е сопран, а јас сум бас - па никако не може да ни се совпадне улогата. Ниту таа може да биде бас ниту јас сопран“, шеговито го објаснува приватно-професионалниот однос со својата сопруга Игор Дурловски.

„Оперската приказна“ на Игор Дурловски започнува непредвидено од неговите животни планови. Иако наставничките по англиски јазик и по музичко образование во времето на неговото основно образование во Битола постојано го ангажирале да пее на разни настапи, неговиот сон бил да биде рок-ѕвезда. Парче од својот сон дури има и конкретизирано со групата „Инвиктис“, со која настапувал како клавијатурист и вокал на неколку гитаријади. Не посетувал нижо музичко училиште, но по убедување на споменатите наставнички решил да се обиде да се запише во Средното музичко училиште, што му успева од прва. Најпрвин учи на отсекот за теорија и педагогија, но многу брзо се префрла на соло-пеење.

„Како тинејџер, некако не ја имав сфатено премногу сериозно мојата сегашна професија. Тоа е и некако природно за едно 14-годишно момче, кое не знае што сака да направи со себе или сака да направи се'. Но, вистинската насока, волјата и љубовта спрема она што го работам сега ми ги дадоа професорот по соло-пеење Пеце Митревски и пијанистката Мери Кафкалевска. Мислам дека тие, покрај тоа што ме одредија професионално, ми дадоа и вистински животни насоки“, раскажува Игор.

Откако „сериозно го прифаќа“ оперското пеење како своја иднина, запишувањето на ФМУ во Скопје се наметнува како логично продолжение.

„Успешно го положив приемниот испит, а во недостиг од басови, уште во почетокот на студирањето почнав да настапувам хонорарно, во помали улоги на сцената на Македонската опера“, продолжува Дурловски. „Првата поголема, всушност, дебитантска улога ми беше на Колин од операта ’Боеми‘ во 1999 година. Набргу потоа дипломирав и бев вработен како солист во Операта. Во 2000 година се случува понудата што не смееше да се одбие од директорот на Виенската камерна опера, со кого работев во Скопје на проектот ’Риголето‘. На тогашните мои 23 години, понудата за 18 претстави во Виена беше нешто што не се осмелував ни да го помислам. Сон на секој пејач е да настапува во таков светски центар. Од денешна перспектива, мислам дека е добро што немав време да размислувам што ме очекува. Веднаш почнав со проби за претставите и со работата некако немав време да се исплашам, ниту да почувствувам некаква носталгија. Наскоро ми се придружи и Ана и заеднички продолживме и професионално и приватно онаму каде што застанавме во Скопје.



Љубовниот дел од приказната на Игор Дурловски е сосема испреплетен со операта. Тој и Ана (тогаш Стаменковска) се студенти во иста класа и речиси постојано се заедно од почетокот на студиите. Заедничкиот живот во Скопје, по заминувањето во Виена, решаваат законски да го официјализираат, но венчавката е на Плаошник. Приказната продолжува со сон за создавање дом во Скопје.

„Со оваа глобализација и брзиот превоз мислам дека веќе не е пречка да се гради кариера, барем во нашава професија, каде било во Европа, а базата да ни биде дома, во Македонија. Што се однесува до професионализмот и начинот на работа, тој е ист и во Македонија, и во Австрија, и во Германија... Разликата е во тоа што буџетот за една оперски проект во Б-театар во Германија е како годишниот буџет на Македонската опера и балет. Сите други удобности и привилегии произлегуваат од овој факт. Но, што се однесува до пејачкото вложување во секој проект, мислам дека не е фер кон публиката да се има различен однос, па некаде да се штедиш, а некаде да даваш се' од себе. Барем јас не работам така. Секаде се вложувам еднакво“, размислува Игор Дурловски.

Фактот дека трендот што трае последниве две децении за создавање вистински оперски ѕвезди не ги „допира“ басовите, Игор Дурловски не го вознемирува многу.

„Можеби трендот на создавање медиумски ѕвезди од оперските пејачи започна со ’Тројцата тенори‘, но мислам дека тоа се совпаѓа и со времето кога и во светот започна поспектакуларно да се работи на операта и да се вложува повеќе во проектите. Тоа е светски тренд! Но, некако поподатливи за ѕвезди се тенорите и баритоните, а мојот фах - басовите, како да не ги зафаќа тоа. Има многу добри басови во светот, кои се познати во нашите професионални кругови, но не се ѕвезди. Но, мене не ми е амбиција да бидам ѕвезда, зашто јас го работам тоа што го сакам. Пеењето ме исполнува и ме прави среќен, а целта ми е на сцената да бидам секогаш најдобар што можам“, го завршува овој разговор Игор Дурловски.


Статијата е прочитана 1185 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
ВИП
Влатко Лозановски - најуспешен меѓу дебитантите
Синди Мекејн и Мишел Обама во битка за прва дама на САД
„Октоберфест“ во Скопје
Шест медали за македонските филателисти
Групата со нов видеозапис „Сам легнувам“