Се реставрираат бедемите на Арабати Баба-теќе во Тетово
ТЕТОВО - Во контекстот „Големо теќе Серсем Али баба“ во Тетово во тек се конзерваторско-реставраторски работи на оградните ѕидови кои се нарекуваат и како бедеми. Според директорот на Националниот конзерваторски центар на Македонија, Беџахудин Шехапи, вкупната проектна вредност на бедемите со кои е оградено теќето изнесуваат околу 50.000 евра. Работите се изведуваат етапно зависно од обезбедените финансии. Досега биле реализирани околу 35.000 евра.
„Во тек се работите од т.н. трета фаза на конзервацијата и реставрацијата на оградните ѕидови. Со неа се опфатени 130 м2. Работите се изведуваат со камења онака како што тоа изгледало уште во времето на градбата пред повеќе од 200 години. Во оваа фаза спаѓа и реставрацијата на Мисафир портата (Гостинска порта). Сметаме дека ќе биде целосно завршен северниот дел од оградниот ѕид“, рече на вчерашната средба со новинарите Беџахудин Шехапи. Според директорот на НКЦ досега биле завршени деловите на оградниот ѕид од југоисточната страна заедно со „Харман капијата“ која е во состав на оградниот ѕид. Зависно од финансиските средства целосното конзервирање и реставрирање се очекува да продолжи и да заврши наредната година.
Големото теќе Серсем Али баба претставува споменик на исламското културно наследство и е еден од најзначајните локалитети од ваков вид на Балканот. Во него има 28 објекти а најбрза интервенција е неминовна на „Турбето“ и „Мисафир Хана“ објектите. (Г.Е.)