„Детска радост“ ја објави наградената поема од Милован Стефановски
Издавачката куќа „Детска радост“ ја објави годинашната наградена поема под наслов „Адам од Говрлево“ од Милован Стефановски.
Задоволен од објавувањето на наградената поема, каки и добиеното високо признание, Стефановски, ни изјави: „Искрено, многу сум задоволен што годинава токму мојата поема ’Адам од Говрлево‘, од сите пристигнати на конкурсот е прогласена за најдобра и овенчана со наградата ’Григор Прличев‘. Уште повеќе што врачувањето на наградата ќе се случи идната година кога се навршуваат 150 години од неверојатниот настан кога во Атина, на 25 март 1860 година, тогаш младиот охриѓанец, отиден да студира медицина, за поемата ’Сердарот‘ е прогласен за Втор Хомер. И пак уште повеќе што заедно со досегашните лауреати, меѓу кои би ги споменал Србо Ивановски, Михаил Ренџов, Петре Бакевски, Трајан Петровски, Бранко Цветковски... се обидуваме да го одржуваме пламенчето на Прличевиот дух!
Наградата за најдобра поема во 2010 година што го носи името на великиот Прличев, за мене претставува огромна чест и ми причинува неизмерно задоволство“. Добро е што и кај нас се негува традиција за вреднување на книжевните дела и преку институцијата конкурс, но не е добро што понекогаш им се робува на стереотипи какви што се начинот на оценување или, пак, одбирањето на оценувачите“, подвлекува Стефановски.
Академскиот сликар Владимир Георгиевски е автор на корицата и илустрациите во книгата, а Нина Анастасова-Шкрињариќ е автор на обемниот поговор. (Н.П.) |