Иинтервју
Неблагодарно е денес да си уметник
Драган Даутовски
„Се занимавам со она што сум го наследил по културолошка генетика“, вели музичкиот уметник
Тина Иванова
На сцената во Македонската опера и балет, в недела во 20 часот, концерт ќе одржи квартетот „Драган Даутовски“ со кој ќе ја прослави десетгодишнината од своето постоење. Публиката ќе може да ужива во старите, но и нови композиции на овој мошне креативен состав, кои ќе се најдат на нивното ново издание што се очекува наскоро да излезе, а ќе го носи насловот „Патот на сонцето 2“. Со музичкиот уметник Драган Даутовски, гласот на Квартетот, зборуваме за големиот јубилеј, за општата културолошка атмосфера во земјава во последниве десет години, за неговата уметничка филозофија:
Десет години квартетот „Драган Даутовски“ успешно опстојува на сцената овде, но и надвор од земјава. Творевте во период на општествена, економска и културна апатија и херметичност. Во време кога толку многу се зборува за нашиот идентитет, а вие него веќе одамна го верификувате преку најискрената уметничка форма. Со какви маки се соочувавте?
Се соочувавме со слатки маки. Уметникот не треба да ја чувствува тежината на својата професија од економски аспект. Иако, навикнавме добрата страна на животот да ни ја диктира економијата. Мојот револт е во таа насока што од една страна, говориме за загрозен идентитет, за прикажување на лошите страни на животот. А, знаеме дека обврска на секој од нас е на младите генерации да им ги покаже добрите страни. Многу се револтирам кога ќе стане збор за загрозеност на идентитетот, кога се зборува дека се е исполитизирано во областа на културата, а кога ќе дојде време да се понуди нешто културно, нешто искрено, автохтоно, никој не го забележува. Критериумите кај нас се сосема изместени.
Панична е денес трката по пари. Но, успеавте да не ја преминете границата, да не се придвижите кон комерцијалниот аспект.
Да, панична е трката во докажување на нечие непостоење и непочитување на нечиј труд, па затоа е многу неблагодарно денес човек да се бави со уметност, особено во една мала, сериозно искомплексирана, исфрустрирана средина која што се бави само со проблемите на својот идентитет, на својата егзистенција. Особено што тенка е токму таа линија кон преминување во комерцијалата. Тоа е паѓање во провалија. И да, таму ќе има пари. Секој добар уметник ја оди таа граница. Но, или ќе падне во провалијата што се вика кич, или ќе остане на ивицата каде што е божествен видикот. И тогаш е најчиста неговата уметност.
Која е Вашата животна филозофија, Вашата уметничка убеденост?
Традиционалната музика како културолошка генетика на еден идентитет. Генетика, затоа што науката вели дека првите неколку месеци што созрева на нашето тело, уште во утробата на мајката, е слухот. Во тоа ниво на свесност, веќе примаме информации и од надвор. Преку гласот на мајката, се стекнуваат информации за мелоритмичка структура на говорот што е основа на целокупното литерарно и музичко културно наследство. Затоа е будалаштина некој да говори дека мојот уметнички идентитет ми е измислен. Се бавам со нешто што сум го наследил по културолошка генетика.
Државата се удира в гради за културното наследство. Но, ништо не прави за традиционалната музика, која е најсилниот, најмоќниот ’политички‘, историски и културен споменик. Се' е оставено на поединците, на индивидуалецот да се бори, да се снаоѓа како што знае и умее...
Државата е толку сериозна, колку што го почитува својот индивидуалец, својата алка. Ниту една држава не е добра држава ако не го почитува интегритетот на семејството, односно индивидуалецот кој го гради тоа семејство, затоа што тоа е основна алка на културното општество. Таму е школото. Секој од нас е ученик прво во семејството од каде учи за добрата страна на животот. Значи, државата како најголема хиерархиска поставеност, треба да води сметка за поединецот. Во денешно време е апсолутен луксуз секој како поединец да чека државата да го почитува. Затоа е мојот непокор. Не ми е важно дали некој во државата ме почитува, туку мене ме интересира мојата определба да се бавам со тоа што се бавам, со нешто што ме обврзува и нешто што ќе ми овозможи да бидам препознатлив. Секаде каде што одам мене ме препознаваат со тоа што го носам идентитетот на мојата нација. Државата тоа не го гледа. Таа не мора финансиски да не поддржува, туку треба да му даде верификација, логистика на еден уметник.
Децата пораснаа, учениците станаа учители. Како гледате на постоењето на квартетот, ретроспективно?
Ретроспективно, можам да гледам од два аспекти: како уметник, кој бил дел од едно заедничко зреење и како учител, кој некогаш бил и построг од уметникот. Јас гледам потреба и како човек и како уметник редовно да работам со млади луѓе. Репертоарот кој се влече од 2000 година на пример, сега сосема на поинаков начин звучи, сосема е свеж. Секој поединец од групата е максимално естетски и технички созреан. Тоа е убавината.
Тешко се опишува музиката што ја создавате. Со еден збор, тоа е музика на светот, црпите инспирација од фолклорот од различни земји. Која е Вашата појдовна точка к��га творите?
Секоја традиционална музика е културно наследство на човештвото. Тоа е папочната врска. Тргнуваме токму од тој културолошки код. Во поново време, во светски рамки, е актуелна т.н. музичка археологија. Тоа е свесно истражување на културното наследство. Се што е нотен текст, се што е запишано, приказни, раскази, легенди, умотворби е резултат на живиот јазик. Тука е тајната на Квартетот, таа посветеност кон истражување на традициските вредности е базата на она што го создавам. Чепкање во длабочината на тој код.
Вие сте мултиинструменталист. Свирите кавал, тамбура, гајда, но во последно време ја импресиониравте јавноста оживувајќи го звукот на топчестата флејта. Кој е, всушност, Вашиот инструмент?
Сега ги имам два. До скоро мој инструмент беше кавалот, затоа што најпоследен дојдов до него. Јас пред се сум гитарист. Кога бев млад така почнав. Но, најголем страв сум имал од кавалот, а тој најмногу одговара на мојот карактер. Сепак, со појавата на окарината, на топчестата флејта, се комплетираа двата принципи. Сега машкиот принцип ми е кавалот кој ме носи во хоризонатала, во простор, и тој е единствен божји инструмент, додека женскиот принцип е окарината, која наликува на обична алатка, но во допир со човекот станува божествен инструмент и ме носи во вертикала. Ги свирам и гајдата и тамбурата, но овие два најмногу влијаат врз мене. |