Свет меѓу корици
Македонска Агата Кристи
Невена Поповска
„Го открив атентаторот“, „Катастрофалниот лет на авиончето“, „Тајна“, „Братот на министерот“, „Авторот е обвинет за убиство“, „Господе чувај ме од Интерпол“... се само дел од насловите на романите на Вера Бужаровска. На секој читател што за прв пат се сретнува со овие наслови му станува јасно дека тоа се криминални романи поради тоа многумина Бужаровска ја споредуваат со Агата Кристи. Се разбира огромен е предизвикот да се негува овој жанр, а Вера објаснува: „ Предизвикот да се пишуваат крими романи е голем и тоа е поттик и понатаму да продолжам со истите теми. Најголемо уживање за мене е додека го истражувам случајот. А кога седнувам да напишам еден крими-роман, потребен ми е еден месец. Компјутерот е основното орудие што ми е потребно за работа и со него што вели народот ’се работи мижејќи‘. Понекогаш отчукувам и по десеттина страници во една вечер.“
Пишувањето е макотрпна и тешка работа, а пишувањето криминални романи веројатно бара дополнителен напор поради некаква подготовка, претходно истражување... Во поглед на постапката што ја применува, Бужаровска вели: „Понекогаш поминувам и по една година истражувајќи едно криминално дејствие, се додека не дојдам до сите потребни детали неопходни за да се роди новиот роман. Ова е макотрпна работа зошто треба да се соочите со пријатни и непријатни ситуации. Криминалните дејствија, конкретно овие што се искористени во моите романи, не се случуваа секојдневно, постојано, туку тие треба да се издвојат внимателно во различни ситуации, во контактите со посебни луѓе со кои треба да се справите, но и да ги извлечете нивните тајни. А тоа не е секогаш лесна работа. Можете да замислите со што се треба да се соочите и на што се да бидете подготвени, ако треба да пишувате за некоја случка од подземјето. Значи треба и вие да се најдете таму, а таму замислете што ве чека.“
Вера Бужаровска е автор на четириесет книги и веќе педесет години е активен учесник на македонската литературна сцена. Нејзините први изданија се отпечатени во далечната 1960 година, кога е објавена и нејзината прва книга во „Детска радост“. Што ја одржува толку време во форма, таа вели: „Единствен начин да се одржите во форма е да не се откажувате од работата. Секоја работа носи плод, а народот рекол: ’Подобро џабе работи отколку џабе да седиш‘. Работата покрај тоа што носи плод, носи и големо осмислување на животот. Мојата девиза е: ’кога е работата во прашање нема млади или стари, има само желба за работа, бидејќи таа придонесува да се чувствувате среќни и задоволни‘. Јас педесет години пишувам и постојано работам, зошто не сакам да си го преспијам животот.“
Авторката има зад себе долги години во новинарската професија, но работела и како сценарист. Колку новинарското искуство овозможува да умее да проникне во нештата и да ги гледа поаналитично и можеби од поинаква перспектива. Ова особено се однесува на романите во кои пишува за атентатот на првиот претседател Киро Глигоров, за несреќата на претседателот Борис Трајковски..., а таа вели: „ Мојот дух е немирен и секогаш сакам да правам излети во работата. Не сум во состојба да се задржам само на едно место и на една работа. Мојата биографија е полна со вакви изненадувања, а едно од тие е и новинарството. Во овие педесет години имам пишувано за многу случаи од кои би ги издвоила текстовите што ги напишав од патот во Албанија. Тоа беше во времето кога Енвер Хоџа не пушташе ниту пиле да прелета преку границата и додека дојдов до материјалите, се соочив со многу тешки, но возбудливи нешта. И покрај напорот и препреките со кои морав да се соочам, сепак поради природата на мојата личност морам да кажам дека уживав додека работев. Таков беше и случајот со Соња Николовска, директорката на ТАТ штедилницата, која за прв пат проговори пред новинарската фела за случајот. Некои од настаните ми послужија за правење сценарија и како резултат на тоа снимени се десеттина краткометражни филмови. Сето ова го кажувам за да се добие претстава колкав минат труд и искуство стојат зад крими романите што сега ги објавувам. Во мојот роман ’Го открив атентаторот‘ настаните се случуваат во Скопје и тие водат до еден голем атентат. Во тој атентат, јас лично, одвоено од полицијата, водам сопствена истрага и доаѓам до некакви резултати. Но, никаде не велам дека станува збор за атентатот кој беше извршен врз Киро Глигоров. Тоа го оставам читателите сами да проценат“. |