Изложба на бугарскиот графичар Иван Нинов
Во галеријата на ДЛУМ п��и Домот на АРМ вечерва, во 20 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на дела на бугарскиот графичар, Иван Нинов, кој ќе се претстави со триесетина графики во кои доминираат отпечатоци во класичните графички техники. Познатиот бугарски уметник Светлин Русев, меѓу другото, Нинов го опишува како „нестандардна појава, нестандардно поведение и нестандардна уметничка присутност, но, пред се', уметник со сопствена синтетичност и монументалност. Колку интуитивен, толку и по некакви незнајни патишта на уметничкото воспитание, високо култивиран автор, монументален, суров, аскетски“.
Изложбата е дел од воспоставениот договор на ДЛУМ со Сојузот на бугарските уметници од Софија за размена на изложби и уметници. За неа, и за самиот автор вечерва ќе говори проф. Димитар Малиданов. (К.Б.) |