Нови насилства во Лондон
Специјалните полициски сили го преплавија квартот Тотенхем, но напнатоста не е намалена
ЛОНДОН - Групи млади луѓе во неделата нападнаа продавници и уништија полициско возило во северен Лондон, а полицијата испрати засилување за да спречи поголеми безредија од обемот со кој беше опустошен друг дел од британската престолнина во претходните 24 часа. Во неделата навечер дојде до спорадични инциденти во Енфилд, неколку километри северно од сиромашната лондонска населба Тотенхем, која во саботата ноќта беше зафатена со најголеми безредија забележани во Лондон низ годините, откако протестите поради убиството на млад човек од вооружената полиција неколку дена претходно станаа насилнички.
Полициски��т командант Кристин Џонс јави дека во неделата полицијата имала „екстра-ресурси“ на должност во главниот град. „Секој што мисли дека може да ги искористи настаните од минатата ноќ како оправдување да врши криминал, ќе наиде на силна реакција од нас“, истакна таа во изјавата.
Во Енфилд, беа оштетени три продавници, две од нив ограбени, јави полицијата, додавајќи дека биле уапсени неколкумина. Локален аптекар јави за Би-Би-Си дека тој и неговиот брат се забарикадирале во својата продавница откако 15 млади луѓе го скршиле прозорецот и се обиделе да влезат. „Беше многу опасно. Се чинеше дека тие би можеле да убијат или да осакатат некого“, рече тој.
Фотограф на Ројтерс на местото на настанот јави дека бил скршен излогот на една златарница, но специјалната полиција го преплавила предградието, а младите луѓе, кои претходно фрлаа проектили кон полицијата, се растуриле. Во врска со гласиштата дека би можело да има нови напади во неделата, полицискиот командант Адријан Хансток јави за Ројтерс дека „имало многу погрешни информации и неточни шпекулации на социјалните медиумски сајтови“ што би можеле да ја влошат ситуацијата.
Локални жители јавија дека морале да побегнат од своите домови, бидејќи полицијата на коњи и специјалните полицајци ги нападнале луѓето за да ги потиснат учесниците во безредијата. Метрополитенската полиција, која ќе биде одговорна за олимписките игри во Лондон следната година - се очекува тоа да биде најголема полициска операција во мирно време - се соочи со прашања во однос на тоа како било дозволено да ескалираат проблемите.
Мешаницата, конечно, беше ставена под контрола во неделата. Зградите се' уште тлеат, а тули се расфрлени на улиците. Безредијата избувнаа во саботата ноќта по мирните демонстрации поради убиството на Марк Даган (29), кој беше убиен по, како што се наведува, размена на оган со полицијата во четвртокот. Смртта на Даган сега ја води независна полициска агенција.
„Тотенхем е сиромашна област. Невработеноста е многу, многу голема. Тие се разочарани“, вели Узодинма Вигве (49), кој неодамна беше отпуштен од работа како чистач. Во Тотенхем има места со највисока стапка на невработеност во Лондон. Исто така, има историја на расни тензии со локалните млади луѓе, особено со црнците. (Ројтерс) |