Жаклина Оназис го обвинувала Линдон Џонсон за атентатот врз Џон Кенеди
Лондон - Жаклина Кенеди-Оназис го обвинувала тексашкиот политичар Линдон Џонсон, кој го наследи во Белата куќа убиениот претседател на САД Џон Кенеди, за атентатот во Далас на 22 ноември 1963 година, јавуваат лондонските медиуми, повикувајќи се на откритија од снимени кажувања на поранешната американска прва дама.
Американската телевизиска компанија Еј-Би-Си најави дека ќе бидат емитувани кажувањата што му ги има дадено Џеки Кенеди на американскиот историчар Артур Слезинџер, што се чуваа досега во Кенедиевата библиотека во Бостон.
Таа во својот тестамент побарала снимениот материјал, што го најавува Еј-Би-Си како „��ксплозивно сведочење“, да биде публикуван 50 години по нејзината смрт. Некогаш популарната американска прва дама умре пред 17 години од рак на 64-годишна возраст, но нејзините кажувања ќе бидат објавени многу порано, откако нејзината ќерка Керолајан Кенеди дозволи публикување на тајните материјали.
Во нив, Жаклина Кенеди тврди дека атентатот врз нејзиниот тогашен сопруг, претседателот на САД, Џон Кенеди, не е дело на осамениот убиец Ли Харви Освалд, туку дека станува збор за поширок заговор, организиран од тексашките тајкуни и богати бизнисмени, а дека на чело на заговорот бил поранешниот потпретседател Џонсон. Тој беше американски претседател еден мандат, а претходно беше гувернер на Тексас и негов сенатор.
Од снимениот материјал се открива дека Џеки, како што и денеска ја нарекуваат Американците, не му била верна на својот сопруг, па се споменува афера со поранешниот холивудски актер Вилијам Холден, што се случила „како одмазда на сопругата за неверствата на мажот“. (МИА) |