Итните закони експресно на Уставен
Меѓународните претставници во нашава земја сугерираат власта и опозицијата да најдат заеднички јазик
Светлана Унковска
Стотината експресно донесени закони заедно со оние од вчерашната седница на Собранието, кои владејачките партии ги изгласаа, ќе бидат оспорени пред Уставниот суд. Ова го најавија социјалдемократите кои во консултации со голем број правници сметаат дека тие се донесени без никаков легитимитет и за кои не се знае ниту дали ја поминале владината процедура. Вчера парламентот на итна седница усвои неколку десетици закони, конвенции и договори со меѓународни институции, за кои Собранието требаше да расправа по еден месец. Нивното усвојување повторно се одвиваше без никаква дискусија и практично се' се сведе на тоа претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, да ги чита законите и да ги прогласува за усвоени.
Опозициските пратеници беа изненадени од презакажувањето на седницата, која требаше да се одржи на 21 и 22 август и повторно не им беше јасно зошто беше потребна толкава итност за овие закони. Новите социјалдемократи ценат дека со ова власта само сака да ја покаже својата ароганција и дрскост уште на самиот старт од нејзиното владеење, што е спротивно на демократските процеси. Од ВМРО-ДПМНЕ ваквите критики ги отфрлаат и тврдат дека за нив сето ова е неиздржано, бидејќи во Уставот не постои термин техничка влада. Бојкотот на опозицијата и нивните барања не сакаат да ги коментираат, туку сметаат дека нивното место е во Собранието, а не да применуваат улична демократија.
„Овој чин на носење закони по итна постапка, коишто не знаеме дали поминале на владина седница, отвора дилема дали навистина некој сака да спроведе демократија или диктатура во Македонија. За ова имаме реакции од многу правници и затоа планираме овие законски проекти што се донесени на ваков начин да ги обжалиме до Уставниот суд“, вели Јани Макрадули од СДСМ.
И според лидерот на НСДП, Тито Петковски, кој вчера и официјално потврди дека тие немаат намера да се премислат и да дојдат на седницата в сабота за избор на новата влада, велат дека власта сето ова го прави за да манифестира дрскост и ароганција, што, пак, оди во прилог на тезата на Никола Груевски Собранието да работи без опозицијата. Тој потврди дека ги поддржува барањата на другите опозициски партии како услов за враќање во работата на Собранието, а тоа е функционирање на правната држава, враќање на Деловникот во собраниска процедура
„Начинот на кој се изгласа тој шверцуван деловник најеклатантно говори за отсуството на чувство на демократија кај парламентарното мнозинство во создавањето една поинаква демократска атмосфера, со што на измамнички начин се изманипулира Собранието. Тоа покажува колку власта е арогантна и дрска уште на самиот старт “, обвинува Петковски. Тој истакна дека во изминативе денови целокупната опозиција имала одвоени средби и разговори со меѓународните претставници во нашава земја и дека од нивна страна било сугерирано да се најде заеднички јазик за нормално да функционираат институциите, што е еден од условите за почеток на преговорите за членство во Европската унија.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат обвинувањата за нелегитимното носење закони предложени од влада која функционира технички, бидејќи според нив таква терминологија на техничка влада не постоела ниту во Уставот ниту во Законите и оттука таа имала надлежност во насока на остварувањето на своите цели и задачи.
„Сите овие закони кои ги донесе Собранието во овој период не се закони што првпат доаѓаат во Собранието, туку ова се токму тие закони кои со една и пол година блокада од страна на СДСМ не можеа да бидат донесени во претходниот мандатен период и ние немаме намера да дозволуваме повторно блокади во работата на парламентот“, вели Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. За барањата за владеењето на правото и почитување на пресумпцијата на невиност, како и за враќање на Деловникот во Собранието, кои ги испорача опозицијата како предуслов за нејзино враќање во работата на парламентот, Димовски рече дека за спроведување на постапките за одговорноста на граѓаните е во апсолутна надлежност на судските институции и Јавното обвинителство и дека во одлуките ниту пратеничката група, ниту, пак партијата ВМРО-ДПМНЕ немала некакво влијание. За новиот Деловник, кој во Собранието беше изгласан без присуство на опозицијата, односно без консензус од партиите, според Димовски нема ништо спорно, затоа што бил донесен во согласност со Уставот и со законите.
„Ќе потсетам дека Деловникот беше донесен со огромно мнозинство во Собранието, бројот беше близу двотретински и ги имаше сите потребни мнозинства во неговото донесување, а текстот беше долго во процедура во Собранието во различни фази и имаше прифатено огромен број забелешки, така што цениме дека донесувањето беше во согласност со Уставот и со законите“, вели Димовски.
Мисијата на ЕУ повикува на политички дијалог
Мисијата на Европската унија вчера ги повика политичките партии на дијалог во Собранието и изрази загриженост поради начинот на кој беше изгласан Деловникот во Собранието.
„Усвојувањето на Деловникот е еден од критериумите поставени од Европската комисија за започнување преговори за членство на Македонија, соопштија од мисијата на ЕУ во земјава, нагласувајќи дека до претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, ја пренеле својата загриженост поради начинот на усвојување на Деловникот во отсуство на опозицијата.
Усвојувањето на Деловникот претставуваше само еден елемент во задоволување на барањата на овој критериум. Начинот на неговото усвојување е, исто така, важен, бидејќи ЕК се залагаше за негово усвојување со консензус. Во таа насока мисијата на ЕУ повторно ги повикува сите политички партии да се вклучат во тој политички дијалог, пред се' во рамките на Собранието„, стои во реакцијата на мисијата на ЕУ во земјава. |