Пред смртта, новинарот Танески напишал две писма?
Се' уште се чека да заврши графолошкото вештачење на писмото, кое беше пронајдено под перницата на Танески, во ќелијата број 4 во тетовскиот затвор
Во тетовскиот суд велат дека станува збор за едно исто писмо, но напишано во два дела
Новинарот Владо Танески пред смртта напишал две проштални писма. Едното, како што веќе официјално беше соопштено, е пронајдено под перницата на креветот во притворот во Тетово, каде што новинарот одлежа само една вечер, пред да биде пронајден мртов во кофа со вода. Другото писмо, неофицијално се говори, било пронајдено при проверка на неговата облека откако телото било префрлено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје. Извори од тетовскиот суд за „Утрински весник“ велат дека, всушност, станува збор за едно исто писмо, но во два дела. Тие биле испишани на две страници од решението со кое новинарот Танески бил упатен во триесетдневен притвор. Бидејќи станува збор за информации кои се дел од истрагата која е во тек, од тетовскиот суд не даваат повеќе детали каде е пронајден вториот дел од писмото.
Скопската телевизија Канал 5 неодамна објави дека во писмото кое било пронајдено во облеката на Танески новинарот посочил каде го оставил прошталното писмо, кое беше пронајдено под перницата на креветот, во ќелијата број 4 во тетовскиот затвор. Во писмото тој тврдел дека не ги извршил убиствата на жените и дека е горд на своето семејство.
Писмото не било пронајдено претходно, бидејќи извори од полицијата укажуваат дека при вакви случаи не се врши претрес на телото на самото место за да не се уништат евентуалните докази.
Дали писмата биле напишани од страна на Танески треба да потврди графолошкото вештачење кое е во тек. Резултатите треба да бидат доставени до тетовскиот суд, каде што продолжува истрагата за смртта на Танески.
Тетовскиот јавен обвинител, по пристигнувањето на наодите од обдукцијата на Институтот за судска медицина, побара комплетно графолошко вештачење за автентичноста на ракописот на прошталното писмо испишано на задната страница од решението за притвор на новинарот Владо Танески.
Познавачите на проблематиката укажуваат дека графолошките вештачења на писмата вообичаено траат од еден до десет дена, освен во исклучително специфични случаи, кога вештачењето може да трае и две недели. Тоа зависи од материјалот што е доставен и од компатибилноста со документите со кои се споредува тој, велат експертите. Во однос на забелешките на семејствотоo на Танески дека не им било дадено да го погледнат прошталното писмо, експерти укажуваат дека не е практика семејството да го идентификува ракописот на прошталното писмо, бидејќи веродостојноста на ракописот може да се потврди само на научна основа.
Во меѓувреме, истрага се води и во гостиварскиот суд, каде што се вршат проверки и анализи на трагите пронајдени кај трите жени кои беа убиени во Кичево со биолошкиот материјал на Танески.
Дополнителните истражни дејства за случајот со смртта на новинарот се преземаат поради индиции дека Танески не си го одзел сам животот, туку дека е можно да станува збор за убиство, во кое учествувале непознати сторители.
Во канцеларијата на народниот правобранител и во Хелсиншкиот комитет будно го следат исходот од истрагите за кичевскиот новинар. По првичните оцени на омбудсманот дека имаат основа да отворат постапка за новинарот кој беше пронајден мртов во кофа со вода во тетовскиот затвор и по забелешките на Комитетот за известувањето на медиумите и за лиферувањето фотографии од страна на МВР за мртвото тело на Танески, сега постапките во двете институции се во фаза на мирување.
„Додека трае истрагата, не можеме да се мешаме во работата на институциите. Дури кога ќе завршат истражните дејства ќе можеме да се произнесеме околу целиот случај“, најавуваат од Хелсиншкиот комитет и од канцеларијата на народниот правобранител во Скопје.
Кичевскиот новинар беше пронајден мртов на 23 јуни околу 2 часот по полноќ во тетовскиот затвор. Тој беше притворен и осомничен за убиството на кичевката Живана Темелковска. (Д.Т.) |