Над 400.000 евра се штетите од последното невреме во Прилеп
Владата набрзо треба да ја утврди висината на отштетата што треба да ја добијат 237 домаќинства
Невремето што го зафати Прилеп во почетокот на месецов направи штети во висина од над 400.000 евра. Вака гласи извештајот на Комисијата за елементарни непогоди, кој вчера го усвоија прилепските советници. Извештајот ќе биде испратен до Владата, а ќе биде разгледан на некоја наредна седница кога ќе се утврди висината на отштетата што треба да ја добијат 237 домаќинства, односно 958 граѓани.
Како што се наведува во извештајот, поплавите ги уништија посевите со тутун и лозје на површина од 34,62 хектара предизвикувајќи вкупна штета од 2,1 милион ��енари кај 125 земјоделски семејства. Штети во висина од 22,6 милиони денари претрпеа и сопствениците на 112 куќи. Овде се пресметани штетите во градот, од урнатите потпорни ѕидови, улици, канализации, како и последиците што ги претрпеа две приватни фирми.
„Во најкус можен рок членовите на Комисијата ја завршија работата на терен и извршија увид на сите пријавени штети. Извештајот што е усвоен едногласно од сите прилепски советници со елаборатот итно ќе го доставиме до Владата. А, потоа на една наредна владина седница ќе се расправа за оваа барање. Но, Владата нема ограничен рок до кога треба да го разгледа овој извештај и да одлучува по него“, изјави Мишко Ристески, претседател на општинската Комисија за елементарни непогоди.
Заменик-министерот за земјоделство, Зоран Коњановски, еден ден по невремето при посетата на најзагрозените прилепски семејства вети поддршка и брза исплата на штетите. Граѓаните, впрочем, го очекуваат тоа зашто дел од нив се' уште се справуваат со последиците од невремето, особено оние чии куќи беа целосно поплавени.
Повозрасните прилепчани тврдат дека во градот досега не се памети вакво невреме. (Мн.Т.) |