Французите не попуштаат
Нафтените работници решија да го продолжат штрајкот и блокадата на земјата со горива
МАРСЕЈ - Работниците од францускиот нафтен терминал „Фос-Лавера“, кои еден месец штрајкуваат поради реформи во нафтеното пристаниште, ќе го продолжат штрајкот се' додека не се постигне договор со раководството, најави вчера локален портпарол на синдикатот ЦГТ. „Ќе бидеме во штрајк се' додека е потребно за работите да се движат во вистинска насока“, изјави Паскал Галеот за Ројтерс.
Нафтениот терминал „Фос-Лавера“, трет најголем во светот, е клучен за снабдување на француските рафинерии и за обновување на производството на гориво, кое вчера се' уште беше запрено во најмалку десет рафинерии. Портпаролот на синдикатот ЦГТ од „Фос-Лавера“ јави дека контактите со раководството не се прекинати, но има уште неколку прашања што треба да се решат. Вчера не се очекуваа состаноци.
Одговорните во пристаништето јавија дека генералниот директор на нафтеното пристаниште се наоѓа во Париз. Со штрајкот во пристаништето, на јужниот брег на Франција, вчера беа блокирани 57 нафтени танкери, од кои 37 со сурова нафта и 20 танкери со произведена нафта, соопшти пристаништето.
Протестите во „Фос-Лавера“ започнаа на 27 септември поради условите за работа и реформи на пристаништето. Тие се интензивираа заедно со националните штрајкови што ја зафатија Франција последниве недели во врска со пензиските реформи.
Францускиот претседател Никола Саркози вчера беше поблиску до победа во пресметката со синдикатите за пензиските реформи, бидејќи штрајковите се намалија, а уличните маршеви го загубија импулсот.
„Петроплус“ соопшти дека почнала постапка на затворање на рафинеријата „Кресие“ во Швајцарија, бидејќи штрајкот во пристаништето го нарушува снабдувањето со сурова нафта до рафинеријата. Рестартирањето на рафинеријата зависи од исходот на штрајкот, се вели во соопштението. (Ројтерс) |