Сорос бара легална марихуана во Калифорнија
Мултимилијардерот даде милион долари, луѓето над 21 година да пушат канабис
Либералниот финансиер и филантроп Џорџ Сорос донираше еден милион долари за кампањата да се легализира марихуаната во Калифорнија. „Парите ќе бидат употребени да се финансира реклама во огромната американска држава, која гласаше за контроверзна мерка, позната како Предлог 19“, изјави за новинарите Дејл Џонс од кампањата „Да за 19“.
Мерката ќе им овозможи на жителите на Калифорнија над 21 година да одгледуваат мало количество марихуана за своја лична употреба. Локалните органи ќе бидат овластени да дозволат и да оданочуваат производство на марихуана, при што ќе има строги казни за секој што ќе биде фатен како продава канабис на малолетници.
Поддршката за таа мерка опадна последниве недели по изразеното спротивставување од американскиот јавен обвинител Ерик Холдер и други познати личности за спроведување на законот. ���Но, донацијата од Сорос би можело да помогне да се едуцираат гласачите за користа на оваа мерка“, изјави Џонс во еден конференциски разговор.
„Кога луѓето ја прочитаа иницијативата и Предлог 19, и сфатија што ќе се направи, а што нема да се направи, имаше апсолутна поддршка. Со секој влог од поддржувачите, повеќе луѓе ќе ја добијат вистинската порака“, рече таа.
Информациите за донацијата на Сорос беше објавена откако финансиерот со унгарско потекло објави свое мислење во „Волстрит џурнал“, во кое ја промовираше мерката. „Регулирањето и оданочувањето на марихуаната истовремено ќе им заштеди милијарди долари на даночните обврзници од трошоците за примена и затворање и ќе обезбеди приходи од повеќе милијарди долари годишно“, пишува тој. „Тоа, исто така, ќе го намали криминалот, насилството и корупцијата поврзани со нарко-пазарите, и кршењата на граѓанската слобода и човековите права што се јавуваат кога голем број граѓани, кои инаку го почитуваат законот, се апсат. Наместо тоа, полицијата би можело да се фокусира на сериозен криминал“, додава тој. („Тајмс“) |