Горбачов: НАТО нема да победи во Авганистан
Лондон - Поранешниот советски лидер, Михаил Горбачов, го предупреди НАТО дека не е можна победа во Авганистан. Во интервју за Би-Би-Си тој рече дека САД немаат друга алтернатива освен да се повлечат од авганистанскиот фронт, затоа што во спротивност ризикуваат да се соочат со уште еден Виетнам. Горбачов, како претседател на Советскиот Сојуз, ја повлече советската армија од Авганистан по десетгодишната војна со тамошните муџахедини што им се спротивставуваа на инвазијата и окупацијата на Црвената армија на нивната земја.
„Претседателот на САД, Барак Обама, е во право кога најавува повлекување од Авганистан од идната година“, вели Горбачов.
Според негово мислење, пред повлекувањето, Американците треба да обезбедат заедничка спогодба на САД, со Пакистан, Иран и Индија за изградба на Авганистан во демократска и неутрална држава.
По повлекувањето од таа земја НАТО ќе мора да се преуреди за да постои и во иднина, рече Михаил Горбачов во интервјуто за Би-Би-Си. |