НАТО и' се додворува на Русија
Алијансата бара поголема соработка со Москва околу војната во Авганистан
ЛОНДОН - Висок дипломат во НАТО вчера беше цитиран како вели дека Алијансата е близу до нов почеток во врските со Русија, вклучувајќи и поголема соработка околу војната во Авганистан и соработка на ракетниот одбранбен систем. Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, во интервјуто за „Фајненшел тајмс“, изјави дека присуството на рускиот претседател Дмитриј Медведев на годишниот самит на НАТО закажан за следниот месец ќе ги зајакне односите, затегнати од инвазијата на Москва врз Грузија во 2008 година. „Самитот ќе претставува нов старт во односите меѓу НАТО и Русија“, изјави Расмусен. „Тоа ќе биде многу суштински НАТО - Русија самит и, дефинитивно, најзначаен настан за соработка од самитот во Рим во 2002 година кога го формиравме Советот НАТО - Русија“. Расмусен изјави дека на Лисабонскиот самит би можело да се случи продлабочување на соработката меѓу НАТО и Русија околу Авганистан.
„Фајненшел тајмс“ цитираше официјални претставници на НАТО како велат дека САД и Русија работат на пакет што би можел да овозможи Москва да обезбеди повеќе од 20 хеликоптери за авганистанските сили. Уште се наведува дека НАТО, исто така, ја истражува можноста дали Русија ќе и' дозволи на Алијансата да испорача повеќе производи, вклучувајќи и оружје, низ нејзина територија до силите на НАТО во Авганистан. Расмусен изјави дека едно од централните прашања на самитот би било дали НАТО и Русија би можеле да почнат да соработуваат на формирање ракетен одбранбен штит.
Западните земји вршат притисок за штитот како заштита од земји како што е Иран, но првичните планови на Вашингтон беа отфрлени од Русија, бидејќи сметаше дека се закана за нејзиниот нуклеарен арсенал. „Фајненшел тајмс“ објави дека Расмусен верува оти противењата на Москва се омекнати и дека ракетниот одбранбен систем на НАТО еден ден би можел да се поврзе со руските радари и да им даде на сите земји-учеснички подобра заштита.
„Очекувам одлуката за ракетна соработка да биде една на најзначајните исходи на самитот НАТО - Русија“, изјави тој. „Соработката меѓу Русија и НАТО на ракетната одбрана ќе не' обезбеди со многу силна рамка за развој на вистинска евроатлантска безбедносна архитектура со еден безбедносен покрив“. (Ројтерс) |