Број 3090  сабота, 19 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

Претставата „Касандра“ ќе го отвори МОТ

„Касандра“ ги поставува истите прашања како и фестивалот низ годинешното мото „Твоето огледало“, вели Дејан Пројкоски

Сунчица Уневска


Денеска во 20 часот во Младинскиот културен центар во Скопје со копродукциската претстава „Касандра“ во режија на Слободан Мил��товиќ, ќе се отвори 34. Млад отворен театар. Претставата е плод на соработка меѓу МОТ, словенечкиот фестивал „Екс-Понто“, црногорскиот „Теута“, српскиот „Инфант“ и Српско народно позориште од Нови Сад, и „Касандра“ не само што ги отвори овие фестивали, туку во текот на целото лето беше на репертоарот во овие земји, каде што имаше одличен прием.

Режисерот Слободан Милатовиќ, кој беше присутен на вчерашната прес-конференција, рече дека оваа претстава, која е направена според драмата на Љубомир Џурковиќ, е специфична од повеќе причини. Првенствено затоа што е врзана со еден вистински настан кој ги поврзува неговите автори, потоа затоа што ги спојува уметниците од сите овие земји, но и затоа што во естетски поглед е сосем поинаква и носи новини во сите свои аспекти.

Оваа претстава, која е поврзана со пророштвото, ги соединува елементите на современата со античката драма и документарниот театар. И, како што вели извршниот директор на фестивалот, Дејан Пројкоски, „Касандра“ и некако најмногу го дефинира годинешното мото на фестивалот „Твоето огледало“. „Прашањата кои ги поставува ‘Касандра’ ги поставува и фестивалот. Селекторот Дамир Домитровиќ Кос низ годинешниот избор го диференцира прашањето, од каде денешната толку присутна потреба за јавна исповед (низ реалните шоуа) и нашата потреба за идентификација и ѕиркање во туѓите животи. Оваа претстава ја носи токму таа поента“, вели Пројкоски.

Интересно е да кажеме дека во „Касандра“ има улога и селекторот Кос, кој ќе пристигне денеска во Скопје. А на вчерашната прес-конференција беа присутни и актерката Јована Стипиќ од Српско народно позориште и легендарниот словенечки актер, Нико Горшиќ. Јована Стипиќ рече дека денеска, за жал, нема многу соработка со актерите од регионот и дека токму затоа „Касандра“ е за неа фантастично искуство. Бидејќи во СНП, кој е национален театар, се практикува сосем поинаков стил, додека ова е една сосем поразлична модернистичка претстава.

Додека, словенечкиот актер Горшиќ рече дека оваа соработка го потсетува токму на едно друго време. Време во кое се работеа алтернативни претстави кои немаа многу врска со националните театри, претстави кои го покажуваа она што општеството не сакаше да го види. „Денеска ситуацијата е сосем поинаква. Денеска се спојуваат алтернативата и националниот театар, што значи помирување, што значи признавање дека алтернативата постои. Оваа состојба е подобра бидејќи сето тоа станува понормално, иако тоа е случај само во културата, а не и во културната политика на земјите од овој регион“, истакнува Гиршиќ. Тој се потсети дека последен пат во Македонија работел во 1998 во претставата „Цезар“ на Бранко Брезовац, која била копродукција меѓу Хрватска, Словенија и Македонија и дека тоа бил прв проект по војната, кој бил дотолку позначаен, што тогаш се' уште никој не се осмелувал да ги поврзе било како, па дури ни на културно поле.

Пред самото отворање денеска во МКЦ во 19,30 ќе биде отворена и фотографска изложба насловена „Твоето огледало“. Изложбата претставува еден интересен експеримент кој го следи процесот на трансформација на актерот од еден во друг лик. Изложбата ја подготвија фотографите: Александар Дончев, Кољо Черкезов и Даниела Абаџиева. А по претставата ќе има една интересна музичка сесија со ди-џеј Мирко Попов, со сет песни од 1980-тите години.

На годинешниот МОТ веќе се знае дека ќе бидат прикажани 15 претстави од десет земји, дека се очекуваат авторите на сите претстави, дека ќе има многу гости, работилници, музички настапи. Утре во МОБ во два термина од 19 и од 22 часот ќе може да се види бугарската претстава „Калигула“ во режија на Јавор Грдев, која доаѓа од Драмскиот театар во Варна и која ја одбележа театарската сцена во Бугарија последниве две години. А во понеделник во МКЦ во 20 часот доаѓа претставата „Кревко“ на Матјаж Пограјц на Словенско младинско гледалишче, најдобриот извозен продукт на Словенија во моментов.

Вчера веќе се одржа работилницата на тема „Актерот во постмодернистичкиот театар“, која ја водеше гостинот Нико Горшиќ, а за викендов следуваат и работилниците со режисерот Слободан Милатович и со актерот Тони Наумовски, кој ексклузивно ќе ја презентира школата на Ли Стразберг. МОТ, се разбира, продолжува со неколку фаворити на годинешната програма и со веќе востановениот македонски ден.


#
Статијата е прочитана 220 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Вапцаров е жива илустрација за поимот дводомен автор
Благој Нацоски ќе ја отвори сезоната во Токио
„Дива лига“ на Урошевиќ на словенечки јазик
Промоција на стихозбирка од Видое Видичевски
Графики на Соња Димовска во Монца