Број 3090  сабота, 19 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

Вапцаров е жива илустрација за поимот дводомен автор

Реч на академик Гане Тодоровски по повод одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на поетот во рамките на „Струшките вечери на поезијата“

Гане Тодоровски


„Струшките вечери на поезијата“, гласовит меѓународен поетски фестивал, меѓу првите културни институции ��о светот ја одбележи стогодишнината од раѓањето на големото поетско име Никола Јонков Вапцаров (Банско, 7.12.1909 - 23.7.1942, Софија) - автор на вонредно драгоцен литературен опус, врвно име на бугарската литература во 20 век и златна рожба на македонската земја. Вниманието коешто му се издвојува на овој наш празник на поезијата е наложено од потребата да му се оддаде благовремено признание на автор чиешто творештво означува амблем за една развојна етапа на поновата бугарска литература, таа од средината на 20 век, и како синоним на неисцрпната и незапирлива творечка потенција на македонскиот национален дух. Уметничките траги што ги остави зад себе овој прекрасен и неповторлив маѓесник на поетското слово во динамичниот и блескотен развиток на необично богатата поетска ризница на бугарската национална литература, како и неговите профетски визии насочени накај новото лице на историјата во која и неговиот македонски народ ќе успее да вложи свој духовен придонес, ја претставуваат првопричината за нашиот длабок и силно наметлив респект кон ингениозното творечко дело на Вапцаров. Тоа дело ја резимира во ��огички разумна и поимски недоразгатната дијалектичка спрега, препозната како духовна симбиоза, историската врска помеѓу обете припадности на големиот уметник кон Бугарија и Македонија. Го повикуваме нашето сеќавање за Вапцаров во име на една неопходна, неизбежна и неодложна авторитетна и енергична квалификувана припомош, силната вера во поетското слово никогаш да не исчезне како составка на човековиот опитмизам! Поетската реч на Вапцаров беше и остана токму тоа.

Роден е 1909 година, на седми декември во Банско, областа Пиринска Македонија, денес во состав на Република Бугарија, во семејство на пројавен македонски револуционер, учесник во Илинденското востание. Се школувал во родниот град и во Варна, каде што завршил воено-морнаричко училиште. Потоа, во име на резонот за опстанок работи и приработува се' и сешто како нископлатен механичар и ложач по разни фабрики и работилници. Се вклучува во редовите на работничкото движење и во редовите на Комунистичката партија, па како учесник во илегална организација на отпорот против фашизмот во времето спроти Втората светска војна, бидува откриен и затворен и од страна на прек воен суд осуден на смрт и стрелан во Софија на 23 јули 1942 година. Мошне млад започнува да се пројавува како литерат, таму некаде кон 1926-та година. Првата објавена стихотворба му е „За татковината“. Стартува со македонска тема, која подоцна и ќе ја разгрне понашироко во обете свои стихозбирки: „Моторни песни“, 1940 година и „Антологија“, објавена посмртно, во 1946 година. Во првата своја објавена песна ја лоцира својата татковина, Македонија, преку топонимите: Пирин, Шар, Преспа, Воден, Струма и Црн Дрим. Подоцна тоа ќе го повторува низ најубавите свои текстови.

Во нашево одбележување на поетската специфика и формат на Никола Јонков Вапцаров бездруго е обврзно, од повеќе причини, да се пласира информацијата дека тој во Софија, помеѓу 1938-та и 1941-та година го формира Македонскиот литературен кружок (МЛК), во најблиска соработка со Антон Попов од Петрич и Михаил Сматракалев (Ангел Жаров) од Сер. Во составот на МЛК како членови се вклучуваат литерати, главно од левата ориентација, од сите три дела на Македонија, распарчена по Балканските војни. Меѓу нив се: Венко Марковски, Коле Неделковски, Георги Абаџиев, Димитар Митрев, Митко Зафировски и др.

Во октомври 1938-та година, кон средината на месецот, група млади македонски писатели во Софија одржуваат основачко собрание на МЛК. Вапцаров поднесува воведен реферат. Во него ги изнесува своите идеи како да се организира литературниот живот меѓу Македонците. Ќе издвоиме пократки цитати некои поважни делови од оваа знаменита визија на видовитиот Вапцаров. Позиција на разјаснето македонство е јавно декларирана. Таа гласи:„Ние сме Македонци. И нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“. Овој историски акорд ќе го репризира Блаже Конески, десетина години подоцна, на 13 февруари 1947 година, на основачкото собрание на Друштвото на писателите на Македонија, како основна интонација во своето излагање, а во услови на радикално изменета историска констелација. Македонците веќе имаат своја официјална азбука и правопис, службен јазик, државна институција, политичко-културна автономија во рамките на ФНРЈ. Имаат буквар и основни училишта, но и високошколски институции. Имаат и литературни гласила и театри, дневен печат и театарски сцени низ кои се разгласува магијата на штотуку нормираниот книжевен јазик. Се' ова кажува дека Вапцаровото пророштво е реализирано. Визиите на авторот на „Моторните песни“, која се објавува само една година по епохалните Рацинови „Бели мугри“ (Загреб, 1939) се престорени во дело. На развојните перспективи на македонската литература им е раскопачен патот.

Се чини, има потреба за димензијата македонство во творечкиот опус на врвниот или еден од врвните поети на Бугарија да се дорече уште нешто преку пократок коментар. Рефератот на Вапцаров од 1938-та година, кој си има и свој поетски пандан во песната „Доклад“ (Реферат), објавена во авторовата посмртна стихозбирка „Антологија“ (Софија, 1946) е драгоцен историски и литературен документ за нашата понова историја. Тоа е текст со возбудлива и на обична судбина, кој индиректно расветлува повеќе суштествени точки од поетовата биографија а во прв ред - причините за смртта. Пред ваков компетентен и квалификуван собир од повисоко меѓународно рамниште добро е да се соопшти (впрочем, кога другпат ако не на стогодишнината од раѓањето на поетот, бидејќи неговата смрт ќе ја одб��лежуваат и слават на друго место и од подруг аспект токму оние што го исфрлија од животот), велам, добро е да се соопшти и да се предочи дека бугарските фашисти на 23 јули 1942 година не убија само идејно-политички противник, т.е. комунистички диверзант, туку набркаа преку експресна егзекуција видовит, благороден и категоричен Македонец. По мошне кратка временска раздалечина бугарските комунисти, коишто извлекоа високи камати од посмртната слава на Вапцаров ширум светот, речиси во тек на долги седум децении го сокриваа во недостапен челичен сеф Рефератот на Вапцаров, во кој тој инспиративно го возвеличи своето македонство. Не е ова отклон во водите на некаква небулозна политика. Ова е поетска заштита и поетска одбрана на поетот над поетите - Никола Јонков Вапцаров, кому заедно со длабоката почит му приложуваме разбиструвачки влог, т.е. посуптилна доза на јаснотија. Вапцаров го убија и фашистите и комунистите и надвор од таа вистина не ќе се може ни чекор понатаму, го убија и го отстранија од живите текови да биде и да значи само тоа што е. А она што можеби и треба да зазвучи троа како политика, овојпат ќе го формулираме преку следниве заклучоци: рефератот на Вапцаров, тој драгоцен историски и литературен документ, напишан и разгласен првично во текот на месец октомври 1938 година, во Софија, на основачкото собрание на МЛК и сочуван по смртта на поетот како архивска реткост, ќе има судбина на стратешка тајна на официјална Бугарија, која не се сложува со постоењето на Македонија, на ниеден начин! Таа стратешка тајна, таа плиткоумна настојба за недопирливост на историската вистина, во случајот на Вапцаров, т.е. неговиот Реферат од 1938-та година е показ на една националистичко-шовинистичка ароганција на бугарската посесивност кон Македонија. Таа проличува низ траење на рамно шеесет и четири години (со цифри: 64) или поедноставно - низ неполни седум децении време на забрана на овој текст: литературните вистини да не и' бидат достапни на јавноста. Литературните собири и манифестации, во чиј ред спаѓаат и „Струшките вечери на поезијата“ треба да бидат место кадешто ќе се осудат сите видови на забрана и прогон на литературните творби и факти. Во име на таквиот став ние го објаснуваме случајот на големата појава на поетската реч на Никола Јонков Вапцаров.

Македонија и' го подари на литературната уметност драгоцениот поетски опус на Вапцаров. Ние, како Македонци, се гордееме со тоа. Наша јавна обврска беше тоа да го соопштиме и овојпат, а во повод стогодишнината од раѓањето на поетот. Важно беше тоа да се каже и пред еден ваков меѓународен поетски собир, какви што се СВП, бидејќи Вапцаров е жива илустрација за поимот дводомен автор. Веруваме, ваквите профилации, како функционални сврзници помеѓу најблиските национални литератури иднината ќе ги претпочита и слави.


#
Статијата е прочитана 568 пати.

Испрати коментар

Од: BulgarMak
Датум: 19.09.2009 21:41:54
Od celata mesavica na abstraktni misli i premnogu dumi so latinskо i anglisko poteklo se uspev da razeram barem edno nesto: Makedonija saka svojot "del" od vapcarovoto tvoreshtvo, no Bugarija ne go otstapuva. Sepak mislam, deka zlatna sredina moze da bide slednata: - tvoreshtvo na Vapcarov go ima celoto izlozeno na internet. I vo Bugarskiot original, i vo makedonsata prerabotka. Sekoj, koj sto najde vreme da go procita celoto: i na Bugarski i na Makedonski, zasluzuva da se gordee kako potomok na golemiot Vapcarov.

Најди! во Утрински
Култура
Претставата „Касандра“ ќе го отвори МОТ
Благој Нацоски ќе ја отвори сезоната во Токио
„Дива лига“ на Урошевиќ на словенечки јазик
Промоција на стихозбирка од Видое Видичевски
Графики на Соња Димовска во Монца