„Дива лига“ на Урошевиќ на словенечки јазик
Денеска на Фестивалот за литература во Ново Место, Словенија, ќе се одржи специјална промоција на романот „Дива лига“ од академик Влада Урошевиќ. Покрај промоцијата на романот, оваа вечер од фестивалот ќе биде посветена целосно на творештвото на Урошевиќ.
Романот „Дива лига“ е објавен во рамките на проектот „Сто словенечки романи“, кој е инициран од Форумот за словенски култури и пора��ешната словенска министерка за култура Андреа Рихтер. Целта на овој проект е да се интензивира литературната размена и меѓусебното запознавање на словенската книжевна сцена. Членки на форумот се Белорусија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Чешка, Хрватска, Македонија, Полска, Русија, Словенија, Словачка и Србија. Секоја од земјите членки селектира по десет романи од својата продукција, кои потоа треба да бидат преведени на другите словенски јазици, а истовремено ја превзема обврската да ги преведе на својот јазик романите кои се предложени од другите земји. Така, конечно ќе биде заокружен бројот од сто романи.
Досега, Словенија објави два руски романи и македонскиот „Азбука на непослушните” на Венко Андоновски. Србија ги објави македонските романи „Разговор со Спиноза” од Гоце Смилевски, кој беше награден и како најдобар превод во Србија во 2008 година и “Александар и смртта” од Слободан Мицковиќ. Во изборот романи на Македонија покрај веќе споменатите влегуваат и романите: „Последните селани” на Петре М. Андреевски, „Бунар“ од Димитар Башевски, „Вежби од Ибн Пајко” од Оливера Николова, „Книга на небото” од Крсте Чачански и „Смртта и Дијакот” на Драги Михајловски.
Преводот на „Дива лига” на словенечки јазик го направи Намита Субиото. Романот беше објавен од страна на Друштвото на писателите во Словенија. Ова воедно претставува и вториот роман кој во рамки на споменатиот проект е објавен на словенечки јазик. Досега, беа направени промоции на романот во Љубљана и во Целје. (Н.П.) |