Број 3271  петок, 30 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил
Магазин

Site Meter
Спорт

Волкановска - спортска ѕвездичка што доаѓа

Три години активно се занимава со бадминтон, во август ќе ја претставува Македонија на првата Младинска олимпијада во Сингапур

Сашко Ѓ. Димовски

Поседува огромен талент, издржлива е како кактус во пустина, истрајна и упорна како Сизиф, важи за голем работник. Додека момчињата и девојчињата на нејзина возраст, во најголем број случаи, вообичаено минуваат низ дел адолесцентниот период во животот со редовни излегувања и забави, таа е целосно насочена кон љубовта што ја одбра пред три години. Секоја капка пот на нејзиното лице и тело тежат по 500 прескокнувања на јаже дневно, 200 стомачни склекови, 300 грбни и по два часа тренинг во сала. И така шест дена во неделата. Седмиот е резервиран за искачување на Водно. Жртвата е непроценлива за личност на нејзина возраст, но посветеноста во она што го работи и вербата дека еден ден ќе успее да стане величина ја исполнуваат нејзината душа, го потхрануваат нејзиното его и го надоместуваат сето тоа што ќе го пропушти во средношколските денови поради подреденоста на нејзината животна мисија. Искрено се надева, како што се надеваат и нејзините родители и тренер, дека е на вистинскиот курс да стане нова ѕвездичка на македонското спортско небо со која ќе се гордееме сите во иднина. Станува збор за 16 годишната скопјанка, Драгана Волкановска, чие срце е окупирано со бадминтон, спорт кој на овие простори нема ама баш никаква традиција, речиси и да не се работи на негова популаризација, па оттука и, веројатно, малкумина знаат дека е присутен кај нас, дека има бадминтон федерација, дека егизистираат осум клуба (пет во Скопје и по еден во Пробиштип, Виница и Куманово), дека се спроведува систем на натпревари (првенство и куп).

„Првиот контакт со овој спорт го имав пред три години. Во училиштето во кое се школував дојдоа тренери кои ни го демонстрираа бадминтонот. Веднаш ми стана интересен, им кажав на моите родители за новото искуство што го имав во животот, тие ме поддржаа и почнав да посетувам тренинзи“, се потсетува Волкановска на своите бадминтон почетоци.

Во домашни рамки и' нема рамен во нејзината категорија. Конкуренцијата е недоволно добра за Волкановска за што тренерот Дарко Анастасов ќе рече:

„Кога тренира морам да поставам тројца играчи во противничкото поле со цел што потешко да освојува поени“.

Но, како и во голем број случаи, и Волкановска се соочува со тешкотии околу обезбедувањето на потребните финансиски средства за реализација на годишна агенда на активности. Бадминтон федерацијата на Македонија е мала и повеќе од скромна кога во прашање се финансиите. Помага колку што може меѓутоа најголемиот товар паѓа на нејзините родители.

„Спонзорства нема иако сум максимално ангажиран околу нивно наоѓање. Одам од врата на врата меѓутоа приказната постојано е иста. Оваа година е мината, буџетите се скроени, за наредната може. И така од година, во година. Генерално се' се сведува на пријателска база, но се обидувам и нема да застанам“, вели нејзиниот татко, Димитар Волкановски.

Ако е табу во домашната јавност, тоа не е случај со Волкановска на меѓународен план. За нејзиниот талент, квалитет и иднина, знаат надвор од границите на нашата земја за што беше наградена со вајлд карта за настап на првите младински олимписки игри во Сингапур што ќе се одржат од 14 до 26 август оваа година. Волкановска е меѓу 16 девојки што ќе ја имаат таа можност да се претстават пред светот во нејзината конкуренција во бадминтон, една од само шесте Европјанки (стариот континент ќе го претставуваат уште по една бадминтонка од Турција, Романија, Шпанија, Германија и Англија). Конкуренција ја заокружуваат шест нивни колешки од Азија и по две од САД и Африка. За тој настан Драгана ќе има опсежни подготовки во Шкотска. Наредниот месец ќе го започне својот престој во Глазгов каде ќе остане три до пет недели.Таму ќе тренира со најдобрите шкотски бадминтон натпреварувачи и ќе се натпреварува во тамошната лига. Генералката за Сингапур ќе ја има од 1 јули во Бурса на заеднички подготовки со претставничката на Турција, земја лидер во бадминтон во регионот. Обата проекта ги помогна македонскиот олимписки комитет, а тренерот Атанасов порачува дека вистинските резултати од Волкановска ги очекува за 4-5 години додека нивна заедничка цел кон која долгорочно ќе се стремат е обезбедување пласман на ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро.


#
Статијата е прочитана 804 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Без Милиќ во Волос
Металург за малку не успеа
Ј. Африка се надева дека Обама ќе го посети Мундијалот
Милвоки поведе во серијата со Атланта
Интер го урна митот за совршената Барса
Вардарци со победа го отворија финалето против Фени И.
Мурињо никогаш нема да ја води Барселона