Милвоки поведе во серијата со Атланта
Бакси славеа со 91:87 и се наоѓаат на чекор до пласман во наредната рунда во плеј-офот
Милвоки, во драматичен финиш, ја совлада Атланта со 91:87 и поведе со 3:2 во серијата до четири победи во првото коло од плеј-офот во НБА лигата. Четири минути пред крајот бакси имаа минус девет, а до триумфот стигнаа со фантастичната низа од 14:0 што следуваше. Лидер во тимот беше новакот, Брендон Џенингс, со 25 коша, Салмонс погоди осум поени во последниот период од вкупно 19 на натпреварот.
„Играме плеј-оф и затоа слободно може да кажам дека ова беше мојот најдобар меч досега. Фановите дополнително ме мотивираа и ме натераа да бидам поагресивен и попожртвувам од противникот“, изјави Џенингс.
Милвоки се пласира во плеј-офот за првпат по 2006 година. По трите победи, сега, има голема шанса на свој терен да ги елиминира „јастребите“. Атланта имаше проблеми на гостувањата во кои не се закани сериозно меѓутоа од нејзините кошаркари се очекуваше да се вратат на победнички патеки на домашен терен. Тоа не се случи, па за останување во серијата и изборување мајсторка ќе мора да брка триумф во шестиот меч со бакси кој ќе го одигра во гости. Ал Хорфорд беше најефикасен играч во составот на Атланта со 25 коша и 11 скока, Мо Вилијамс постигна 22 поена, останатите нивни соиграчи немаа своја вечер.
Екипата на Денвер, барем за уште еден натпревар, си ја продолжи сезоната. Во петтата плеј-оф пресметка со Јута славеше со 116:102 и намали на 3:2 во серијата до четири победи. Кармело Ентони постигна 26 поени и додаде 11 скока, Дерон Вилијамс беше најрасположен „џезер“ за игра со дабл-дабл ефект (34 коша, 10 асистенции).
Резултати: Денвер - Јута 116:102 (Јута води со 3:2 во серијата до четири победи), Атланта - Милвоки 87:91 (Милвоки води со 3:2). |