„Пингвин“ ќе го објави романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски
Во својот најнов број американскиот неделник „Паблишерс викли“ објавува дека најголемиот светски издавач „Пингвин“ од Њујорк ќе го објави романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски.
„Инвестирајќи во интернационално прославени дела, издавачот ’Пингвин‘ ги купи на аукција авторските права за англиското јазично подрачје за објавување на ’Сестрата на Зигмунд Фројд‘ од Гоце Смилевски. Смилевски, кој е Македонец, во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската Унија за овој роман, кој веќе е продаден во повеќе земји, меѓу кои и Франција, Италија и Бразил“, се вели во веста насловена ’Пингвин‘ оди во Македонија”.
Неделникот соопштува дека авторските права за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ ги застапува француската агенција „Астие“ од Париз. Американско-англиската корпорација „Пингвин“ е најголем светски издавач кој своето повеќедецениско реноме го има изградено со објавување на врвни белетристички дела.
„Сестрата на Зигмунд Фројд” е втор роман на Гоце Смилевски што ќе биде објавен во Соединетите Американски Држави. Во 2006 година неговиот роман „Разговор со Спиноза“, за кој ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, излезе во издание на Нортвестерн Јуниверзити Прес од Чикаго. (Н.П.) |