Среќен роденден, маестро Доминго!
Славниот тенор, кој во последно време пее и како баритон, Пласидо Доминго, утре во Мадрид ќе го прослави својот 70. роденден
Тина Иванова
Големиот оперски маг, шпанскиот тенор Пласидо Доминго, кој неодамна ги изненади своите обожаватели дека неговиот глас и припаѓа и на категоријата баритон, утре во Кралскиот театар во Мадрид ќе го прослави својот седумдесетти роденден. Роден е на 21 јануари, во 1941 година во Мадрид. Како подарок, ќе бидат објавени низа дискографски изданија кои ќе претставуваат колаж од неговите врвни оперски остварувања. Шпанската влада, пак, му го додели орденот „Ред на уметноста и книжевноста“, и како што соопштија од Министерството за култура на Шпанија, Доминго е одликуван за исклучителна уметничка кариера како пејач и диригент, но и како претставник на шпанската музика, кој спаѓа во водечките амбасадори на Шпанија и нејзината култура во светот. Својот роденден, големиот тенор ќе го слави со серија на настапи во операта „Ифигенија во Аулида“ од Глук.
Пласидо Доминго, кој за многумина музички критичари важи за најистакнатиот од популарното Трио тенори (меѓу Лучијано Павароти и Хозе Карерас), заради вокалниот квалитет, распонот на гласот, бојата, но и актерскиот шарм, годинава слави уште еден јубилеј - 50 години од неговиот прв настап, кога во 1961 година дебитираше во улогата на Алфредо во популарната „Травијата“ од Верди, во операта во Монтереј. Овој настап во своите автобиографски писанија ќе го опише како просечен, зашто гласот на мигови „му пукал“, а снаодливоста, пак, го спречила од дебакл кога гласникот кој требал да му го донесе писмото од Виолета не се појавил на сцената, зашто бил запиен во театарското бифе. Но, киксовите кои го следеле тогаш младиот Доминго, не му ја намалиле самодовербата да продолжи како носител на главните оперски ролји, и тој, во текот на својата полувековна кариера, ќе оствари брилијантни улоги, ќе издаде неповторливи носачи на звук, чии изведби не можат да се споредат со ниту една претходно во историјата на оперското издаваштво, ќе привлече огромен број на слушатели и како дел од Триото тенори, но и како самостоен оперски уметник. Веднаш по Алфредо, добива покана за САД каде што во Далас толкува неколку споредни и главни улоги, потоа во Израел каде што две години ќе биде ангажиран во Националната опера во Тел Авив, за во 1968 да дебитира во престижната „Метрополитен опера“ во Њујорк како Маурицио во „Адријана Лекуврер“ на Чилеа. Токму на оваа сцена, чија сезона ќе ја отвори повеќе од 20 пати, надминувајќи го дури и рекордот на славниот Енрико Карузо, Доминго ќе ги слушне најголемите и најдолгите аплаузи за неговото пеење (во една прилика аплаузот траел дури 80 минути), но и за неговите волшебни актерски остварувања. Се разбира, тој ќе биде дел и од Виенската опера, Миланската „Ла Скала“, „Ковент Гарден“ во Лондон..., всушност, ќе биде носител на рекордни 129 улоги во сите значајни оперски куќи, ќе брои повеќе од 3.500 изведби на светските сцени.
Себеси ќе се нарече „воркохолик“. Затоа и нема да биде духовно исполнет само како оперски пејач. А, дека е навистина зависен од работата, тоа го докажа и со фактот што само шест недели по операцијата од рак на дебелото црево, застана на оперската сцена толкувајќи носечка улога, и тоа во Миланска „Ла Скала“, каде што публиката е навистина прибирлива. Ќе се обиде и како диригент, и не само што ќе биде тоа негов тест, туку ќе оствари значајна кариера и како „оној зад пултот“. Неговата долгогодишна педагошка улога, но и како директор на оперските куќи во Лос Анџелес и во Вашингтон, ќе бидат само, како што ќе каже, уште еден чекор кон промовирањето на развојот на оперската уметност. Но, несомнено, значаен подвиг. Како што е и неговата идеја да го основа „Опералија“, натпреварот во оперско пеење. Големиот хуманист Доминго, ќе одржи и голем број на добротоворни концерти собирајќи милиони долари за помош на жртвите од природните катастрофи. По земјотресот во Мексико во 1985 година во која животот ќе го загубат негови блиски роднини, лично Доминго ќе замине во урнатините на градот пребарувајќи со надеж за преживеани, што ќе ја трогне светската јавност. Ќе навлезе дури и во водите на поп-музиката, оправдувајќи се дека има тенденција да ја доближи операта до широките народни маси, во што и успеа, особено со улогата во „Трите тенори“.
За многумина, идејата да пее баритонска улога, како што е таа на Риголето во истоимената опера на Верди, ќе биде изненадувачка. Неговите изјави дека секогаш се сметал себе си пред се како баритон, а не како тенор, со право многумина ги сфаќаа како шеговити, со оглед на 150 тенорски улоги што Доминго ги оствари во својата кариера. Но, желбата да настапува Доминго како баритон и не е толку чудно, ако се земе предвид дека уште во 1959 година, на свои 18 години, ќе се јави на аудиција во Националната опера во Мексико, токму како баритон. Но, комисијата тогаш ќе побара од него да отпее неколку пасажи од тенорски регистар, по што му даваат тенорска улога, како што и ќе ја продолжи понатамошната кариера. Така, конечно, дури на свои 66 години, ќе ја отпее баритонската, насловната улога во „Симоне Боканегра“ од Верди која во 2009 година ќе биде изведена во Државната опера во Берлин. „Со години ова посакував да го направам. Тоа е една од улогите за која целиот живот сонував“, ќе каже Доминго, кој истата улога потоа ќе ја толкува на сцените во Њујорк, Лондон, Милано и Мадрид. Аплаузите за Доминго и како баритон, биле навистина долги. Легендарниот диригент и пијанист Даниел Баренбоим, ќе каже дека Доминго е „неуништлив“. Иако, некои критики ќе излезат со ставот дека Доминго е подобар како диригент, отколку како баритон, па голема среќа е што на почетокот од кариерата познавачите на операта го натерале да се испроба во тенорските води. Таму, пак, во светот на тенорите, Доминго ќе ги испроба сите, од лирските, до оние драмските улоги во делата на Вагнер. Но, најголемата популарност ќе ја стекне како Каварадоси во „Тоска“, која ја изведува повеќе од било кој друг на светот досега. |