Страв од Тодор Александров
Реакција по објавувањето на Годишната програма за остварување национален интерес во културата во 2011 година
Блаже Миневски
Се случи и тоа. Во Македонија првпат е забранет драмски текст без да биде прочитан! Имено, Тони Чатлески, директор на Домот на културата „Марко Цепенков“, во чиј состав работи Прилепскиот театар, се уплаши од насловот на мојот текст „Александров“, кој требаше да го режира Владе Цветановски, повлекувајќи го во последен момент од програмата на театарот за 2011 година! Според неофицијалното објаснување од театарот, Чатлески, всушност, бил исплашен за својата „кариера“, сметајќи дека претставата „Александров“ може да го „чини фотелја“, односно да биде разрешен од функцијата директор. Се разбира дека никој не би го разрешил за тоа, но човекот очигледно има свои внатрешни идеолошки мерила кои ги вградува во уметнички критериум како во времето кога за уметнички текст можело да се оди дури и на Голи оток. Инаку, се разбира, истиот човек, кој случајно е директор на институција во чиј состав работи Прилепскиот театар, чиј раководител �� Стојан Дамчески, еден од најуспешните менаџери на македонскиот театар, можеби навистина треба да биде да разрешен, но не затоа што би одобрил да се работи претстава според текстот „Александров“ туку затоа што не одобрил. Имено, со ваквата одлука, Чатлески го загрозува демократскиот капацитет на општеството, враќајќи нй неколку децении наназад кога беше опасно дури и да се размислува за таканаречените табу-теми, а не пак тие да бидат основа за драмски текст. Значи, тој треба да си оди од функцијата не затоа што го одобрил „Александров“ туку затоа што не го одобрил, односно за да не се случи нов „Александров“ во време додека тој ја извршува функцијата, која не само што не ја заслужува туку и ја загрозува. Од друга страна, со тоа што лукративно-политикански интервенирал кај Комисијата за театар во последен момент да се повлече мојот текст, односно проектот на Владе Цветановски за претстава според текстот „Александров“, кој бил одобрен како главен проект на Прилепскиот театар за 2011 година, Чатлески фрла голема дамка не само врз институцијата театар, односно Прилепскиот театар и неговиот раководител Стојан Дамчески, туку го загадува и вкупниот простор за уметничка слобода и изразување, што е основа на секое демократско општество. Поради интервенцијата што ја направил во последен момент, Прилепскиот театар единствен меѓу сите театарски куќи во Македонија годинава нема да има претстава работена според текст на домашен автор, освен ако Чатлески за домашен автор не го смета српскиот академик Драгослав Михајловиќ. А што се однесува до „ризикот“ за неговата директорска „кариера“, сетики безбели не мисли дека неговата „кариера“ е повредна од кариерата на режисерот или авторот на текстот, па тие лесно може да „жртвуваат“ сй во име на славата а тој ништо ниту од „кариерата“, ниту од својата светла биографија на локален молер, со баретка, или без неа, сеедно.
Инаку, што се однесува до текстот, кој Чатлески не го прочитал, станува збор за една уметничка реконструкција на трагичните времиња кога Македонија се распарчува а Македонците сами меѓу себе се најголеми непријатели. Затемнетиот лик на Александров е само метафора за македонското самоуништување, но и човек што ја обновува ВМРО по Балканските војни, држејќи го отворено македонското прашање пред Големите сили и Лигата на народите. Пред да биде ликвидиран од луѓе под контрола на бугарскиот двор, потпишува манифест за обединување на македонското револуционерно движење, барајќи излез за Македонија дури и преку советските комунисти, а тоа го чини и живот. Се разбира дека текстот „Александров“ не е биографија на штипјанецот со тоа презиме, туку „биографија“ на македонскиот кошмар, пред и по распарчувањето на Македонија, па затоа меѓу педесетите лика и личности се и Делчев, Груев, Шатев, Гологанов, Пејчиновиќ, Пулевски, Сарафов, Протогеров, Шахов, Темко Попов, Иван Шумков, Јаворов, Чучков, Ванчо Михајлов, Менча Карничева, Никола Карев, Димитар Македонски, Јован Каменијат, Демостен и Диодор Сицилијанецот, но и Марија, ќерката на Александров, со која лично разговарав а чиј прв збор не бил ни „мамо“ ни „тато“ туку „Македонија“, како и уште многу вистински и измислени ликови, како Црниот и Белиот мршојадец, или Малиот и Големиот глушец, кои со нетрпение го чекаат лешот на Македонија за да почнат со гоштевањето. Значи, текстот е многу подлабок и посуштински од она што го разбрал, или можел да го разбере Чатлески. Како мал прилог за негова почетна едукација овде само ќе кажам дека една од главните реченици на Тодор Александров, која многупати ја спомнува и во своите писма е „се за Македонија“. За жал, главната мисла на Чатлески е „се за фотелјата“. Се разбира дека со режисерот Владе Цветановски, кој има брилијантен концепт за голема претстава, ќе најдеме начин, можност и време „Александров“ да биде реализиран во некој друг театар во Македонија, а на Чатлески искрено му благодариме за рекламата што ја направи забранувајќи го текстот без да го прочита. |