Број 3485  четврток, 20 јануари 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Култура

Седмиот печат

За проституција со розови очила

Сунчица Уневска

„Ирина палм“ на белгискиот режисер Сем Гарбарски е постар филм, кој во 2007 година на Берлинскиот фестивал ја имаше својата премиера во главна конкуренција. Она што е интересно, е дека овој филм се уште е привлечен за публиката и се уште се дистрибуира низ светот. Кај нас овој филм играше во текот на овој месец и иако веќе се прикажуваше и на телевизија, сепак, повторно успеа да предизвика интерес. И не случајно. Уште од неговата берлинска премиера, оваа драма-комедија за една жена која е подготвена да направи се за да го спаси својот внук, па дури и да се занимава со еден вид проституција, покажа дека умее така да ги освои гледачите, умее да орасположи и да ве направи сентиментални, иако истовремено и да предизвика контроверзни размислувања околу својата содржина.

Имено, „Ирина палм“ има еден неверојатен спој на конзервативна, клиширана приказна, а од друга страна, на приказна која невино навлегува во светот на пороците и се занимава со еден затскриен свет на проституција. Но, Гарбарски и сценаристите Мартин Херон и Филип Бласбанд тоа го прават со многу шарм, со многу духовитост, со патетика и на крај, со Маријана Фејтфул во главната улога, некогашната смела поп и рок дива, која без оглед како изгледа сега, се уште го носи ореолот на рокенролот, на она што значи смелост, ослободување и поигрување со границите. Во таа смисла, авторите успеваат одлично да го вклопат сето тоа и да направат забавен филм, откачен, смешен и неодолив со својата позитивна енергија и добронамерност.

Формулата на филмот е таква, што без сомнение може да освои секого. Тоа е пред се, приказна за жртвувањето, приказна за љубовта и за семејството, тоа е приказна за една чувствителна и морална личност, која се што прави го прави со душа и со целосна посветеност. Интересно е дека, кога средовечната Меги во очај ќе се нафати во еден бар преку дупка во ѕидот да ги задоволува мажите, тоа воопшто не е нешто што го менува тонот на филмот, ниту неговата намера. Екстремните ситуации во него само му даваат дух и комичност, но никако не и непријатност или вулгарност. Таа невиност и задршка успеваат овој филм да го направат питок и многу привлечен, да биде палав, но не груб, да биде порочен, но не вулгарен, да биде откачен, но сето тоа во закрила на семејството и љубовта кон него.

Покрај тоа, Меги и во филмот и надвор од него успева многу лесно да ги освои сите. Нејзиниот лик е така замислен, што таа дури и тогаш кога ја работи највалканата работа, се однесува како светица, а вие и верувате. Па и тогаш кога е палава, и тогаш кога воспоставува посебен однос со сопственикот на барот, кого го игра Мики Манојловиќ, и кога ќе се спротивстави на љубопитноста на своите другарки и соседи. Меги дури успева да го измени и валканиот свет од кој станува дел, внесувајќи се во него целата, и барајќи и онаму каде што е невозможно, парче душа и емоции.

Но, иако комично, авторите тоа го прават со сосем добро дозирано чувство на реалност, па и покрај тоа што публиката се забавува, од друга страна до неа непогрешливо допира онаа човечност која е вградена во базата на филмот. Затоа и делува толку шармантно и невино, затоа и ве освојува, затоа што поседува топлина, добрина и љубов. Сето ова звучи патетично, и навистина е, но сепак не одзема од неговата добра забава.

Дури и на крајот, кога сте свесни дека тоа не е голем филм, ниту пак дека Маријана Фејтфул (и покрај номинацијата за европската награда) глуми добро, останувате со позитивно чувство кон него. Мики Манојловиќ е маестрален, како и секаде, додека Маријана Фејтфул е само одличен избор, со својот добродушен изглед и топлина, но и секако, со ореолот од минатото, иако баш и не може да ги долови емоциите. Таа цело време изгледа и се однесува исто, но факт е дека има неверојатен шарм и фантастично се вклопува во ликот.

Всушност, тоа и е целта на овој филм, да испорача многу позитивна енергија. И му успева, а на што друго, ако не на формулата за семејството, на формулата за љубовта кон своите деца и жртвата за нив. Но, има тука и нешто друго. Меги ја има моќта и во лошото да биде позитивна и целосна, и да направи и бизарното да не изгледа лошо и валкано. Позитивното чувство и чистината, па дури и моралноста, без оглед на содржината на филмот, се нешта со кои авторите така патетично, но и така добро, ни порачуваат дека се зависи од ставот кон животот и, се разбира, од нашиот избор.


#
Статијата е прочитана 432 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Среќен роденден, маестро Доминго!
Страв од Тодор Александров
„Пингвин“ ќе го објави романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски
Мозаици на Газанфер Бајрам во Истанбул
Концерт на Нинослав Димов со Филхармонијата
Промоција на „Две перници“ од Оливера Ќорвезироска