Секирарски со елегантни и провокативни креации
Познатиот македонски дизајнер Ненад Секирарски ја претстави својата најнова колекција пролет-лето 2010 година на Модната недела во Белград, насловена како „Фешн селекшн“, што по 16. пат се одржа во Кристалната сала на ексклузивниот хотел „Хајат риџенси“ во српската престолнина. Секирарски ги освои симпатиите на публиката со изборот на 29 модели инспирирани од утопијата, а изработени во фини, лелеави материјали како што се свилата, нежната тантела и сатенот, богати во волумен и рачна доработка. Како додатоци беа користени метални елементи во златна, сребрена и во бакарна боја. „Силуетата е едноставна, женствена, елегантна, но и провокативна. Рамениците и половината се нагласени, а темните бои се комбинирани со виолетова, сина, зелена, драп и сива боја“, напиша српскиот печат.
Патем, колекцијата пролет-лето 2010 година на Секирарски скопската публика имаше можност да ја погледне и на домашната Модна недела организирана во март. |