Два и пол часа во љубов со Сергеј Ќетковиќ
Популарниот црногорски пејач приреди преубава и релаксирана вечер на својот прв концерт во Скопје
Стотици позитивни коментари и безброј суперлативи завршија на адреса на популарниот црногорски пејач Сергеј Ќетковиќ, кој го одржа својот прв солистички концерт пред македонската публика што завчеравечер ја исполни Универзална сала во Скопје. Црногорецот, кој е препознатлив по своите балади, два и пол часа ја шармираше публиката (се покажа дека тој не е омилен само кај жените), облечен во препознатливиот стил - фармерки, бела кошула и црна тенка врска, пеејќи ги своите најголеми хитови, повеќето во придружба на присутните во салата.
Атмосферата што цела вечер беше на ниво кулминираше со изведбата на апсолутниот хит „Прстен на сто“, кога на сцената на Сергеј му се придружи и специјалната гостинка од Србија, Александра Радовиќ. Таа ја раздрма публиката со својот хит „Мој бивши“, а иако во поодмината бременост, пленеше на сцената во романтична црна тоалета и беспрекорна изведба. Очигледно е дека скопската публика со задоволство ќе има можност да го присуствува на нејзиниот солистички концерт.
По настапот на Радовиќ, Сергеј продолжи соло да ги исполнува хитовите („Проклета била“, „Пола мога света“, „Ако те није пронашла љубав“, „Кад би хтела ти“, „Опрости“...) на задоволство на публиката што го наградуваше со громогласни аплаузи. На моменти концертот се претвори и во караоке шоу, поради преголемата желба на дел од публиката да запее заедно со црногорскиот шармер. Во ѕвезда на вечерта, покрај Сергеј, се претвори и неговиот фан Коки, кој доби амин од домаќинот на сцената да изведе микс од песни по негова желба, откако заедно ја испеаја „Погледи у тами“.
Бисот по завршувањето беше доволен публиката да му се оддолжи на Сергеј за преубавата вечер и неверојатниот концерт за кој дефинитивно долго ќе се зборува. (Дс.Т.) |