Еминем
Свеж албум по долгогодишна зависност
Раперската ѕвезда Еминем ќе издава нов студиски албум што би требало официјално да почне да се продава од 21 jуни. Новото издание ќе се вика „Рикавери“, а воедно ќе биде негов втор албум во последните 24 месеци, по повеќегодишното отсуство од глобалната музичка сцена.
Минатогодишното издание на Еминем, „Релапс“, го означи големото враќање на најпознатиот бел рапер на планетата, а парчето музика беше своевиден одраз на пејачот и на неговата долга борба со злоупотребата на лековите, кои се издаваат без рецепт. Додека Еминем се бореше со својата зависност, одеше на терапија, која му помогна да ја преболи смртта на својот драг пријател диџеј Пруф.
Откако албумот „Релапс“ стана голем хит, пејачот планираше негово продолжение. „Минатата година сакав веднаш да издадам и ’Релапс 2’. Но, како што почнав поинтензивно да снимам, а со тоа да работам и да соработувам со нови продуценти, таа идеја почна да избледува и да губи смисла, па посакав да снимам комплетно нов албум. Музиката што се наоѓа на ’Рикавери’ испадна сосема различна од онаа на претходното парче и мислам дека заслужува посебен наслов“, објасни Еминем.
На албумот, меѓу другите, ќе се појават и некои стари соработници на раперот, како што се диџеј Калил, Џаст Блејз и Џим Џонсон. |