Не плашете се, јадете струмички зеленчук
Стравот од бактеријата ешерихија коли им нанесе огромни штети на струмичките земјоделци
Струмица - Не плашете се, слободно јадете струмички зеленчук, апелираат земјоделските здруженија од јужниот дел на Македонија, потенцирајќи дека нивните производи се здрави и наводнувани со чиста вода. Стравот од бактеријата ешерихија коли им нанесе огромни штети на струмичките земјоделци. Откупот на производите се намалува, а цените секојдневно паѓаат. Краставиците веќе и не се ни нудат за продавање, се берат и се фрлаат, а лошо им се пишува и на доматите, велат земјоделците. Деновиве цената на доматите падна на осум денари за килограм.
„Ние, раноградинарите од Струм��ца, апелираме до сите граѓани во државата слободно и без страв да ги консумираат градинарските производи произведени од овој регион, бидејќи се здрави и немаат никакво бактериско заболување. Ова го потврдуваме со фактот дека наводнувањето го вршиме од браните ’Турија‘, и ’Водоча‘, а жителите на овој регион оттаму ја користат водата за пиење. Од овие производи јадеме и ние и нашите деца и досега не сме имале никакви проблеми“, рече Драги Памуков од земјоделската задруга „Веѓе фреш“ од селото Куклиш.
Градинарите се пожалија дека поради актуелните случувања со бактеријата ешерихија коли, пластениците им се полни со домати што деновиве ја достигнаа најниската цена во последните години - само осум денари за килограм, за разлика од овој период лани кога откупната цена беше 35 денари за еден килограм. Не можејќи сами да се справат со штетите што ги трпат, градинарите апелираа до Владата да најде механизми и да им помогне.
„Да се најдат инструменти и механизми и Владата соодветно да интервенира и да им помогне на струмичките земјоделци, бидејќи веќе не можат да се извршуваат ни тековните активности во земјоделството. Ние претрпевме многу штета, дали е во прашање бактеријата или, пак, има други аномалии на пазарот, не знаеме, но штетите се огромни. Еве, краставиците нема кој да ги купи и по цена од два денара, па се фрлаат, а истото тоа веќе се случува и со доматите“, вели Ванчо Митев од здружението „Екоградинар“ од селото Добрејци.
„Ако потоне нашиот брод, тој ќе повлече многу нешта со него, а сето тоа ќе се одрази на вкупната економија во државата. Затоа апелираме и до граѓаните и до Владата да ни помогнат и да ги ублажиме последиците“, рече Васе Митушев од здружението „Кукла градинар“ од Куклиш. (Е.П.) |