Фирмите здружени ќе извозуваат во Русија
Стопанската комора иницира отворање дистрибутивен центар во областа Самара
Маја Томиќ
Стопанската комора ги поддржува бизнисмените во иницијативата да се здружат во конзорциум и заеднички да настапат на пазарот на Руската Федерација. Нешто што тие го бараат со години наназад, но досега не го реализирале. Поконкретно, идејата е да се отвори дистрибутивен центар за македонските стоки во Самара, развиена индустриска област во Русија. Бизнисмените ќе можат да се пријават во СКМ и во Македонско-руската комора и да достават списоци на свои производи што би ги пласирале на рускиот пазар, нивните тарифни броеви и количествата што би ги извозувале. Исто така, компаниите треба да ги посочат и своите приоритети, како и да дадат предлози за царински и за даночни олеснувања што би им го поедноставиле и забрзале извозот на рускиот пазар. Потоа сето тоа ќе се достави до Владата и до другите надлежни институции, а тие ќе треба со свои мерки да ги унапредат билатералните односи меѓу двете земји. Тоа се предлозите и заклучоците што беа кажани на вчерашниот иницијативен состанок во Комората за дистрибутивен центар во Самара.
„Бизнис-заедницата уште од пред 20 години покажа интерес за отворање дистрибутивен центар во Руската Федерација, која е наш петти трговски партнер. Во последно време, не само големите бизнис-играчи, туку и малите, имаат интерес. Посебно има простор за извоз на земјоделски производи и вино, за што зборува податокот дека минатата година токму овие производи биле околу 50 отсто од нашиот извоз во Руската Федерација“, истакна извршната директорка на Комората, Јелисавета Георгиева.
Директорот на Македонско-руската комора, Дејан Бишлиев, информира дека областа Самара има 3,2 милиона жители, 400 големи и средни и 4.000 мали фирми, дека високо котира во економијата на Руската Федерација затоа што е богата со нафта, гас, минерали, хидроенергија, таа покрива 80 проценти од вкупната автомобилска индустрија во земјата, има одлична инфраструктурна мрежа за транспорт на стоки, од патишта, железници, аеродроми, до речни пристаништа...
„На оваа област и' недостига агропроизводство. Веќе пропаднаа некои компании затоа што почвата не е поволна за одгледување земјоделски производи. Оттаму, македонскиот агрокомплекс може лесно да си го најде интересот и местото на овој пазар“, посочи Бишлиев.
Богоја Блажески, сопственик на „Сигурносни појаси“ од Белчишта, кој има своја фабрика и во самарската област, ги информира бизнисмените за своето долгогодишно искуство од соработката на рускиот пазар. Тој потенцира дека државните институции треба да дадат свој придонес за реализирање на идејата за отворање заеднички дистрибутивен центар во Самара, со што ќе се зголеми македонскиот извоз. Го посочи примерот на Србија и на Словенија, кои одамна имаат вакви центри во Руската Федерација, а оттаму и значително поголема трговска соработка и помал дефицит во размената.
Инаку, според Комората, трговската размена меѓу Македонија и Руската Федерација е во континуиран пораст, но и константно се зголемува трговскиот дефицит на наша страна. Во 2009 година тој бил 4,6 проценти, во 2010 година покриеноста на увозот со извоз изнесуваше 4,8 отсто, а во првиот квартал од оваа година е 5,3 отсто. |