Берзата очекува подобра ликвидност со маркет-мејкери
Македонска берза ја доби согласноста од Комисијата за хартии од вредност за воведување поддржувачи на ликвидноста т.н. маркет-мејкери.
Со нивното воведување, како што информираат од Македонска берза, се очекува подобрување на ликвидноста на пазарот, односно зголемување на обемот на тргување, ликвидноста на хартијата и длабочината на пазарот на капитал. Оттаму најавуваат дека се разгледува и можноста тие да плаќаат помала провизија за своите хартии од вредност.
Маркет-мејкер може да биде секоја брокерска куќа и банка што има овластување за тргување во свое име и за своја сметка и има склучено договор со Македонската берза за маркет-мејкинг работи.
Од Македонска берза за следниот период најавуваат и поинтензивна соработка со компаниите што би се реализирала преку стопанските комори во државата. Досега, информираат од Берзата, позитивен одговор за ваква соработка имаат добиено од Стопанската комора на Македонија. (МИА) |