Болните остануваат на старата патека на движење
Болните остануваат на старата патека на движење за дијагностицирање на болеста. Новиот систем на упатување на пациентите со кој матичните лекари нема да можеа да дадат упат директно за клиника или за болница, а кој беше најавен да стартува од 1 март годинава, се одложува на неодредено време.
Министерството за здравство решило да го одложи стартот на новиот систем, бидејќи, како што рече министерот Бујар Османи, сакале прво да ги согледаат позитивните и негативните ефекти пред да се имплементира на ниво на цела државава. „Ќе се мерат повеќе индикатори, како што се задоволство на пациентите, време на добивање здравствена услуга и друго“, објасни Османи и додаде дека системот темелно се подготвува со месеци, но немале храброст да го воведат досега иако многу размислувале за тоа.
Системот нема да се спроведува во целиот здравствен систем, туку за почеток ќе се тестира во два пилот-региона. Едниот е југоисточниот регион, кој ги опфаќа матичните лекари, здравствените домови и болници во Гевгелија, Валандово, Радовиш и Струмица и околината. Другиот е Полошкиот регион, во кој спаѓаат Гостивар, Тетово, Теарце, Маврово и околните населени места.
Новиот терк на движење на пациентите во здравството предвидуваше матичните лекари да ги упатуваат болните на лекар интернист во поликлиниките и во здравствените домови, потоа на специјалист во болниците, а на крај на клиника. (Ј.Ј.) |