Број 3514  среда, 23 февруари 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Македонија

Прилеп ќе добие пречистителна станица

Во овој момент на контаминација на градската река,
филтрирањето е повеќе од потребно

Моника Талеска



ПРИЛЕП - Во Прилеп ќе се гради пречистителна станица со европски пари. Овој е прв меѓу најголемите проекти, кои со средства од европските фондови ќе се реализира во Македонија, а бенефитот ќе го уживаат не само прилепчани, туку сите граѓани и земјоделци што одгледуваат градинарски култури по текот на градската река. Моментално работите се во фаза на инвестициски проект во кој се вклучени локалната самоуправа, Центарот за јавно здравје и Канцеларијата на ЕУ. Проектот е во вредност од 20 милиони евра, но за негова реализација е неопходна поддршка и од општината и од надлежните министерства.

Според медицинските стручњаци, изградбата на пречистителна станица во Прилеп е повеќе потреба отколку привилегија за граѓаните, во овој момент на загаденост на екосистемот, особено на контаминацијата на водата од градската река. Всушност, тоа е најголемиот комунален проблем што има големи п��следици врз здравјето на луѓето, ако се има предвид фактот дека водата од реката се користи за наводнување во многу села.

„Квалитетот на водата во градската река не одговара на реципиентот, на класата и категоризацијата на водата во која се испушта. Црна Река и сливот се во втора или трета категорија, а водата во Градска река е во петта или вонкласа во однос на испитаните биохемиски и микробиолошки параметри“, изјави д-р Петар Оханесјан, началник на Службата по хигиена со здравствена екологија, во регионалниот Центар за јавно здравје.

Контаминацијата на реката е последица на несепаративниот систем на собирање отпадни води во градот, на дивото приклучување на жителите од индивидуалните станбени објекти, но и приклучоците од занаетчиските и индустриски објекти. Освен тоа, големо оптоварување настанува со зголемување на бројот на жителите, зашто проекцијата на постојниот канализациски систем е за одреден број корисници.

„Водата од градската река со овој квалитет не смее да се користи за никаква употреба. Тоа го потврдуваат испитувањата што ги направивме во подолг период. Испитани се и површинските води, но и водите од колекторскиот систем на собирната шахта, кои се битни за изградба на пречистителната станица, односно за избор на правилни методи за пречистување на водата до ниво на прифатлив ризик“, потенцира д-р Оханесјан.

Реализацијата на проектот ќе биде огромен бенефит за граѓаните, но и за земјоделците. „Изградбата на пречистителна станица ќе значи враќање на биодиверзитетот во градската река и заштита на животната средина. Прилеп почива на една од најплодните рамници во Македонија, Пелагонија и Прилепско Поле, а сите земјоделски култури ќе ги исполнуваат еколошките стандарди за да се извезуваат на зелените пазари во светот“, вели градоначалникот Марјан Ристески.

Истовремено ефектите ќе се почувствуваат и врз биодиверзитетот на Црна Река, зашто прилепската Градска се влева во оваа река. Имајќи предвид дека Црна Река тече низ Мариово, еколошки најчистиот регион во Македонија, тоа значи и овој предел ќе ја зачува својата непроценлива вредност за жителите и туристите.

Ефектите од реализацијата на проектот ќе бидат многустрани. Ова е прв значаен комунален проект на прилепската општина од периодот пред 10-години кога тогашната локална власт обезбеди гаранции и почна со реализација на грантот од германската КФВ банка, во вредност од 9,2 милиона евра. Тој проект се' уште се реализира, а придобивките се огромни. Јавното комунално претпријатие доби нова зграда, а делови од градот нова водоводна мрежа според европски стандарди.


#
Статијата е прочитана 330 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија
Кочани ќе има централно греење
Болните остануваат на старата патека на движење
Украинците свртеа кругче во Скопје
Борис Трајковски бил убиен?
Детските забари останаа концесионери
Полицајци сведочеа против Душко Илиевски
Старата чаршија осветлена со фенери
Одобрено вработување за тројца лекари