ЕДИТОРИЈАЛ
Собранието издиша по спринтот
Оливера Војновска
По забревтаната работа, Собранието што ги собори сите рекорди во носењето закони - папса. И во најекспедитивниот парламент, незапаметен досега, ја видовме добропознатата слика на празна собраниска сала.
Огромното мнозинство - 82 пратеници, што го контролира владината коалиција завчера не му помогна на шефот на парламентот, Трајко Велјаноски, да одржи седница. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ (со коалициските партнери) има 64 пратеници, а заедно со 18 парламентарци на ДУИ го има и двотретинското мнозинство во Собранието. Сепак, собранискиот спикер се соочи со проблемот на немање кворум.
Како можеше да му се случи тоа на најефикасниот парламент? И кому сега ќе му се извинува Велјаноски, како што летоска им призна на дипломатите поради грешката со брзите закони. Или можеби, овој пат, ќе се извини неговиот шеф, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски!?
Македонија пред шест месеци првпат спроведе вонредни парламентарни избори, бидејќи, наводно, главниот проблем беше во „кочничарското Собрание“. Груевски, веднаш по распуштањето на парламентот, во специјалното обраќање до нацијата објаснуваше дека вонредните избори се неопходни, бидејќи Собранието е неефикасно, а опозицијата ја попречува реформската ориентација на Владата. „На Македонија и' е потребен нов парламент. Нам ни треба нов мандат за да можеме побрзо да ги носиме реформите и побрзо да ги носиме законите“. Тоа беше главната аргументација на премиерот за оправданоста на предвремените избори.
Груевски бараше и доби огромна поддршка од граѓаните. Само колку пратеници им требаат на премиерот и на неговата ВМРО-ДПМНЕ за да работи парламентот како швајцарски часовник? Може ВМРО-ДПМНЕ да има 100 или сите 120 пратеници, но ако тие се растрчани по приватни работи или низ ГТЦ, „Рамстор“, по кафеаните на „Македонија“ или на предизборни средби, иако кампањата за локал��ите избори уште е далеку, повторно ќе има проблеми со кворумот. Владејачкото мнозинствово уште во почетокот на мандатот го смени и Деловникот (во периодот кога опозицијата го бојкотираше парламентот), меѓутоа се покажа дека и тоа не е гаранција дека Собранието ќе функционира беспрекорно.
Сепак, завчера барем видовме дека има опозиција во парламентот. За овие шест месеци не слушнавме некаква оригиналност од опозиционерите, но затоа во вторникот беше забележително со какво задоволство ликуваа. СДСМ, ЛДП и ДПА беа во Собранието, ама не и во собраниската сала (освен неколкумина социјалдемократи). Се криеја во холот пред пленарната сала, ги имаше и во Клубот на пратениците, се шетаа низ ходниците и гледаа сеир како ВМРО-ДПМНЕ не може да обезбеди 61 пратеник за седница. Бидејќи, покрај пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, отсуствуваше и голем дел од пратеничката група на ДУИ. Ги немаше ниту помалите партнери од портокаловата коалиција и претставниците на етничките заедници. Наводно, сметките им се поматиле поради изборните калкулации и разгорените градоначалнички апетити на некои од „стратешките партнери“.
Дебаклот на собраниската седница покажа дека не било до бројките и до Деловникот. Старо-новите пратеници одеа и на обуки за парламентарна демократија во Британија, ама ништо не научија.
Проблемот е многу повеќе во фактот што нашите политичари не умеат да се справат со одговорноста на функциите, без оглед на тоа за кое ниво на власт се работи. Атмосферата во парламентот и воопшто во државните институции, заедно со растрчаните пратеници, министри и партиски функционери по селски и маалски трибини, не остава впечаток дека сме загрижени за реформските процеси и евроатлантските перспективи на земјата. Амбиентот многу повеќе личи на изборен. |